Поради обилните врнежи и наглото влошување на состојбата на терен, Општина Кичево веднаш организираше координирана интервенција за справување со последиците од поплавите и заштита на граѓаните и нивниот имот.
На терен се ангажирани екипи и механизација, со насочени активности кон најкритичните точки, и тоа:
– расчистување на одводни правци и критични делници,
– отстранување наноси, кал и отпад што го блокираат одливот,
– чистење и пробивање канали и пропусти,
– испумпување вода и обезбедување пристап до загрозени домаќинства, каде што условите тоа го дозволуваат.
Интервенциите се реализираат во постојана и директна координација со ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијална противпожарна единица – Кичево. На критичните места се присутни и командирот Филип Митрески, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, градоначалникот Д-р Александар Јовановски и директорот Бојан Стојкоски, со цел навремено донесување одлуки и поефикасна распределба на ресурсите.
Општина Кичево упатува сериозен апел до граѓаните:
– да не се движат низ поплавени подрачја и да избегнуваат ризични делници,
– да не ја попречуваат механизацијата и екипите при работа,
– да пријават доколку забележат нови критични точки или опасност за домаќинствата.
Општина Кичево останува целосно ангажирана и ќе продолжи со интензивни активности сè додека состојбата не се стабилизира. Јавноста ќе биде редовно информирана преку официјалните канали.
Пратеникот Ѓорѓија Сајковски со објава ба социјалните мрежи ја критикуваше претходната општинска власт, за дологогодишна негрижа, неработа и отсуство на навремени превентивни мерки, поради кои, како што рече, Кичево се соочува со големи поплави.
„За разлика од минатото, денес институциите покажаа одговорност и подготвеност. Актуелниот градоначалник, д-р Александар Јовановски заедно со екипите на комуналната и противпожарната служба, како и со поддршка од општествено одговорни компании, веднаш излегоа на терен и активно се вклучија во санирање на последиците. Со координирана и пожртвувана работа, во исклучително краток рок беше спречено понатамошно ширење на штетите и започна расчистувањето на погодените подрачја. Оваа заедничка акција е јасен показател дека кога постои волја, одговорност и вистинско лидерство, предизвиците можат да се надминат. И покрај тешката ситуација, се враќа надежта дека секојдневието на кичевци постепено ќе се нормализира и дека градот ќе излезе посилен од ова искушение“, напиша тој на својоот Фејсбук профил.
Сајковски најави дека службите ќе останат на терен и во текот на ноќта, дека будно ја следат состојбата и продолжуваат со работа сè додека целосно не се отстранат последиците. Приоритет останува безбедноста на граѓаните и заштитата на нивните домови, со јасна порака дека Кичево повеќе нема да биде оставено само во моменти на криза.