Проектот за нови објекти на факултетите ФИНКИ и ДИФ поскапе од 20 на 40 милиони евра!

Граѓаните преку државниот буџет ќе платат двојно повеќе поради лошата тендерска постапка за избор на изведувач кој падна во стечај и ги остави објектите на половина, како и поради неажурноста на надлежните институции кои веќе една деценија не успеваат да го заокружат започнатиот проект.

by vlatko 17:24
17:24

Во 2015 година, Министерството за образование и наука склучи договор со „Бетон Штип“ за изградба на 2 објекти во кампусот на УКИМ, каде што требаше да бидат сместени Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ФФК или поранешен ДИФ), чија вредност изнесуваше нецели 20 милиони евра.

Меѓутоа, како што пишуваше „Фокус“, компанијата на Камчеви, Панделески и партнерите ги изгради овие објекти до фаза на карабина и за тоа наплати околу 3 милиони евра, по што друштвото падна во стечај. Во меѓувреме, сите влади и министри ветуваа дека ќе се доградат почнатите објекти, но тоа не се случило веќе цела деценија.

Откако беше изработена стручна анализа од страна на работна група предводена од професорот на Градежниот факултет Горан Марковски, МОН сега најавува дека ќе се деблокира процесот, така што двата почнати објекти ќе бидат само за ФИНКИ, додека за ФФК или ДИФ ќе се гради нов објект.

Според одговорот што го добивме од Министерството, завршувањето на проектот ќе чини 36 милиони евра, но, кога ќе се додадат и веќе потрошените средства, тој достигнува речиси 40 милиони евра, што е за двојно повеќе од првичната проекција пред десетина години.

„Во јуни 2025 година беше формирана работна група составена од претставници на сите засегнати Факултети при УКИМ (Градежен, Машински…), МОН и СОЗР која ги отстранува пречките за да продолжи изградбата на двата објекта во дворот на УКИМ.

Работната група која ја координира проф. д-р Марковски иницираше ревизија на постојните проекти за изградба, поради во меѓувреме наметнати нови стандарди за градба, опремување и сл., како и заради намалување на трошоците со отстранување на одредени позиции кои нема да влијаат на функционалноста.

Беше извршена анализа на карабините, имајќи предвид дека изградбата повеќе години беше во застој, поточно од 2019 година, по што се објави постапка за јавна набавка за репроектирање. Пристигнати се 7 понуди и во моментов во тек е евалуација на понудите.

Откако ќе заврши постапката и доградбата на објектите ќе биде репроектирана, ќе се спроведе и постапка за избор на изведувач на градежните работи, што очекуваме да се случи во последниот квартал на тековната година.

Според проценките, за двата објекта во дворот на УКИМ ќе бидат потребни по околу 15 милиони евра, за да бидат целосно завршени. За факултетот за физичка култура, спорт и здравје ќе се доградува нов објект до оној на постојната локација и ќе бидат потребни околу 6 милиони евра“, ни одговорија од МОН.

Оттука, доколку нема ново пробивање на финансиската рамка, цел проект треба чини 36 милиони евра според официјални проценки, што значи дека за нови објекти на двата факултети ќе бидат потрошени околу 40 милиони евра кога ќе се додадат веќе исплатените 3 милиони евра кон „Бетон Штип“.

Ако се земе во предвид дека иницијалниот договор изнесуваше 20 милиони евра, што патем беше неколку милиони евра повеќе од проценетата вредност на јавната набавка, се доаѓа до заклучок дека погрешниот избор на изведувач и институционалната неажурност ќе ги чини македонските граѓани плус 20 милиони евра.

Инаку, МОН на самиот истек на ланската 2025 година (31.12.2025) објави оглас за изрaботка на проектна документација за дополна на основните проекти за двата објекти во кампусот на УКИМ.

 

Притоа, рокот за поднесување понуди истекол на крајот на јануари годинава, при што, според иформации од МОН, пристигнале 7 понуди и во моментов во тек е евалуација на понудите за избор на понудувач, кој треба да ги репроектира објектите каде ќе биде сместен ФИНКИ.

 

Во меѓувреме, т.е. пред неколку дена (06.02.2026), Министерството објави и оглас за изрaботка на проектна документација за идеен и основен проект за изградба на нов објект за потребите на ФФК или ДИФ.

 

Откако ќе завршат овие постапки, односно ќе бидат репроектирани почнатите објекти и ќе биде проектиран новиот објект, ќе се спроведе и постапка за избор на изведувач на градежните работи, што, според очекувањата на МОН, треба да се случи до крајот на годинава.

Неизградени факултети: Камчев и Панделески „бетонираа“ 3 милиони евра и ги оставија на половина објектите на ФИНКИ и ДИФ!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести