За нас членството во Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме – е една од пораките што премиерот Христијан Мицкоски ги испратил до своите политички соговорници на средбите што деновиве ги има на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Прашан во која насока се движеле политичките разговори во Минхен, Мицкоски во интервју за МРТ 1 вели дека каде и да оди, владата ја раскажува својата верзија од приказната за која верува дека е вистинита, како и за сите предизвици во евроинтеграцискиот процес со кои, како што рече, македонскиот народ и држава се соочуваат во изминатите децении.
„Оваа генерација сака да се бори, за нас членството во рамки на Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме. Да укажеме на сите, би рекол, неправилности и неправда што ни е нанесена и како народ и како држава, но истовремено да потенцираме дека суштината е да не се сруши имиџот и кредибилитетот на самата Европска Унија, а имаме чувство и македонските граѓани чувствуваат фрустрација дека некој од самата Европска Унија однатре како да сака тој имиџ и тој кредибилитет да го уништи“, изјави Мицкоски.
Додаде дека каде и да оди, владата ќе да ја раскажува македонската приказна која е тажна и полна со предизвици.
„Но, секогаш да знаете дека Македонија победува, така ќе биде и во овој случај. Колку и да треба време, ние ќе се бориме и ќе сме трпеливи. И последниот да остане, ќе се бори да ја раскаже македонската приказна“, додаде тој.