Илјадници граѓани излегоа на улица и се приклучија на протестот организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Протестот доби поддршка од повеќе синдикални организации од различни сектори, како и од дел од опозициските партии.
Активно учествуваа и вработени во полицијата, откако Македонскиот полициски синдикат (МПС). Од таму порачаа дека ја подржуваат иницијативата за зголемување на минималната плата и сите останати, но нивното клучно барање е покачување од 20 отсто за вработените во МВР, АНБ, Управата за финансиска полиција и Агенцијата за разузнавање.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатот и граѓаните веќе нема да молчат туку ќе се борат за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард.
„Ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Трендафилов, порача дека се во процес да соберат 10 илјади потписи со кои ќе станат овластен предлагач и ќе бараат да се намалат платите на функционерите за 80 отсто, а минималната плата да се зголеми на 600 евра и за најмалку 6.000 денари сите останати плати.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
Од ССМ посочија дека минималната плата од 24.379 денари е премногу ниска и не ги покрива ниту основните животни трошоци на едно семејство односно дека е повеќе од двапати пониска од синдикалната потрошувачка кошница, посочуваат и дека додека работничките плати стојат во место години, додека платите на постојано функционерите растат.
подготвија: Сара Танаскоска, Орце Костов