Судскиот совет постапи по барањето на Основниот кривичен суд, и да дозволиме сега истрагата да утврди тоа што е потребно, вели претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски прашан за став по одземањето на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов, кој се товари за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело откако во домот на неговите родителите во Неготино полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Камбовски, во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет, рече дека не знае точно колку пријави имало против судијата Ѓоко Ристов, но дека пријави од негови колеги од Апелација во Судскиот совет досега немало.
-Видете, во Судскиот совет има безброј претставки. Од прва, јас не се сеќавам конкретно дека имало претставка за земање мито или нешто слично. Еден пример, колку што се сеќавам, се водеше за негово неизземање во предмет, а требало да биде изземен. А вакви конкретни … сега не можам да се сетам. Како што ви кажав, ќе ви одговориме официјално, не сакам да испадне дека имало некоја претставка, а јас во моментов да не се сеќавам и да ви дадам неточна информација, кажа Камбовски.
Прашан дали „имало пријави од судии, колеги од Апелација, конкретно за колегата Ѓоко Ристов“, Камбоски вели не.
-Не, не. Во однос на тоа што биле другите пријави – од негови колеги, од Апелација – досега немало пријава во Судскиот совет. Имало можеби претставки, имало анонимни претставки, меѓутоа од колеги, од колеги-судии – не, изјави Камбовски.