Текстот е објавен на 11 декември, 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1575
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Пред пет години „пукна“ скандал во хрватска болницата во Сплит, откако раководството покрена внатрешна истрага против неколку кардиохирурзи обвинети за лекарски грешки и злоупотреба на службената положба. Во низата спорни случаи што им се ставаа на товар на докторите, четири пациенти починале за време на операцијата.
Според хрватските медиуми, лекарите за време на интервенцијата на пациентите им ставиле помалку стентови отколку што било потребно, а, исто така, биле вградени и на погрешни артерии што предизвикале смрт кај болните.
До раководството на болницата било испратено писмо со тешки обвинувања на адреса на кардиохирурзите. За некои од наведените случаи се тврдело дека била направена погрешна аортна реконструкција, што резултирало со фатален исход. Потоа на друг пациент му била ставена погрешна вештачка аортна жлезда што ги затвора коронарните артерии и предизвикува срцев удар, мозочен удар и смрт на пациентот.
Полицијата веднаш ги засукала ракавите, била почната истрага, која резултирала со обвинение и дел од кардиохирурзите завршиле зад решетки.
Меѓутоа, тоа е Хрватска, а ние сме Македонија. Тука, според досегашната пракса, секој си прави што си сака, институциите демек работат нешто, ама на виделина ништо, а профитот игра најголема улога на сметка на болните. Па, кој ќе преживее, ќе раскажува.
„Фокус“ речиси цела година пишува за скандалите во скопската кардиохирургија и со кардиохируршките интервенции во двете приватни болници „Аџибадем-Систина“ и „Жан Митрев клиник“.
Државната кардиохирургија, од успешна приказна, која почна пред цела една деценија, во 2015 година, со по 50 пациенти што се оперираа на месечно ниво, сега е сведена на едвај 5 до 10, од кои дел починаа од сепса. Работата е отидена до таму што повеќе се гледа кој кому ќе му забие нож во грб, отколку да „заигра“ ножот за да се спаси нечиј човечки живот, со оглед на тоа што станува збор за едни од најтешкиите интервенции.
За разлика од таму, пак, двете приватни болници работат турбо со вртоглави суми на пари, кои барем за кардиохируршките интервенции ги добиваат од Фондот за здравство, но таму, пак, не се знае кој и како ќе заврши под „фамозниот“ нож. На крај, најбитно да е полно чекмеџето.
Како и да е, скандалите се нижат, парите се секогаш во игра, но затоа болните немаат избор. Тие се само колатерална штета на уништениот здравствен систем.
РАСПАД НА ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА
На 12 ноември, по серијалот текстови во „Фокус“ дека скопската Клиника за кардиохиругија незаконски набавувала скапи материјали, за што сомнително се потрошени над 300 илјади евра, инспектори на Финансиската полиција влегоа на клиниката. Тие веќе неколку недели собираат документи за начинот на кој се набавувале скапите материјали за работа, дали имало тендери или повеќето оделе преку реверси (заеми), по кои цени и преку кои фирми…
Во документите со кои располагаме може да се забележи и лошото финасиско работење на болницата, а особено алармантно е во делот со набавка на потребните материјали за работа на реверс-позајмица, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
Поточно, се набавувале бројни скапи материјали по неколку илјади евра, без објавување тендери, во нетранспарентни постапки. Документите покажуваат дека на реверс за две години се набавени преку 15 персевали без тендер, чија цена на само еден е околу 7.000 евра, што значи само за овие материјали се потрошени околу 110 илјади евра. На листата можат да се најдат и фет протези, од кои само една чини 17.000 евра, а набавени се околу десет за две години, со што доаѓаме до сума од 170 илјади евра. Исто така, на реверс се набавени и композитен графт за замена на асцедентна аорта и валвула (цавгј) од кои една чини околу 2.400 евра, а вкупниот број набавени се преку 15 за две години, со што вкупната сума изнесува околу 37.000 евра.
Според документите, без тендери набавени се и оникс валвули, и тоа преку 20 за две години, од кои само една чини 1.261 евро, со што доаѓаме до сума од околу 25.000 евра. На листата уште може да се најдат и ТЕВАР (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција), со која се лекуваат аортни аневризми, од кои една чини околу 8.000 евра, а вакви се набавени седум со вкупна сума од 56.000 евра. Тука е ЕВАР (аортен стент) од кој еден чини 3.300 евра, а набавени се седум на реверс за две години, со што сумата изнесува над 23.000 евра.
Но, тоа не е сè. „Фокус“ располага и со документи од 2025 година, за валвули, кои се земени на реверс, поточно за периодот од 9 мај до 25 јуни 2025 година, кога се набавени вкупно 11 валвули без тендер во вкупна вредност од околу 14.300 евра.
Исто така, мошне голем проблем претставува и начинот на кој се „делат“ платите во болницата. Според документите со кои располагаме, одредени доктори добивале ектремно високи плати и континуирани награди само на некои медицински сестри. Поточно, распоредите на докторите што се истакнати не се совпаѓаат со електронската евиденција и исплатите на личниот доход.
Документите покажуваат дека имало лекари, чија плата со сите додатоци достигнувала и над 250 илјади денари, односно околу 4.000 евра.
Сето тоа се случува во последните три години, а веќе тука постепено почнува и распадот на клиниката, која се градеше цела една деценија. Заднината е јасна, а тоа е да се спојат заедно Кардиохирургија и Кардиологија, кои би функционирале како една целина, за што здравствените власти на голема врата го спроведуваат овој план.
Од тука остануваат отворени прашањата – која е заднината и целта некој да ја уништи болницата и да стави клуч на сè што се градело низ годините?
Тоа што е уште пострашно, е алармантно зголемената смртност на пациентите во последните неколку години. Многу од нив, според нашите неофицијални информации од доброупатени извори, починале поради лекарски грешки, а дел и од интрахоспитални инфекции, кои ги закачиле додека се лекувале таму. И што е најстрашно, никој не се занимава со таа страшна тема.
Во меѓувреме, додека финансиските инспектори ја „чешлаат“ документацијата, во болницата, еден од поранешните директори им се заканува на дел од вработените и го бара кртот – кој ја поднел пријавата до Финансиската полиција?
Тоа не се случува за првпат во Државна кардиохирургија. Досега неколку лица имаат побарано правна помош за мобинг, за што во изјава за „Фокус“ потврди адвокатката Маја Ристова.
–Неколку лица од Клиниката за кардиохирургија имаат побарано правна помош од мене, а во врска со вршено вознемирување на работното место (мобинг). Едно од овие лица има иницирано и судски спор по основа утврдување на постоење мобинг. За овој случај сме во почетна фаза, односно до подготвително рочиште, истакна Ристова.
ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ СО СВОИ ВЕЛЕДРОГЕРИИ
На сметка на распадот на Државна кардиохирургија цвета работата во двете најголеми приватни болници, кои, како што веќе објавивме, кардиохируршките интервенции ги прават на државна сметка. Само во последните шест години, од чекмеџето на Фондот за здравство, за овие две болници се одлеале 105 милиони евра. Од 2019 година наваму, „Жан Митрев клиник“ добила околу 57 милиони евра, додека, пак, „Систина“ околу 47 милиони евра.
Низ вратите на двете приватни болници, низ годините поминале и се оперирале бројни пациенти. Не е тајна дека и во двете болници се работи со вртоглави суми на пари, па може да се заклучи дека и профитот игра голема улога.
Факт е дека материјалите за работа за кардиохируршките интервенции се мошне скапи, но за Државната кардиохирургија е јасно дека тоа оди преку тендери, па, без разлика дали условите се наместени за одредена компанија да ја добие бизнис-зделката, барем се знае која е фирмата и по која цена се наплатени материјалите, кои реално се мошне скапи.
За разлика од таму, тоа се смета како државна тајна во приватните болници. Никој не знае дали и од каде ги набавуваат материјалите за работа, по кои цени и од кои фирми. Досега, такво нешто во јавноста не излегло како податок, а во изјава за „Фокус“, од Фондот за здравство, тврдат дека, без разлика што парите одат преку нив, тие не се обврзани да ги знаат тие информации.
–Приватните здравствени установи се целосно самостојни во постапките за набавка на медицински материјали и опрема што ги користат при кардиохируршките интервенции што се изведуваат на товар на Фондот. Процесот на набавка го организираат и спроведуваат самите установи, согласно нивните интерни правила и процедури.
Фондот за здравствено осигурување не исплаќа посебни средства за материјали, лекови или други оперативни трошоци. Приватните здравствени установи ги фактурираат извршените услуги исклучиво преку ДСГ-методологијата, односно преку утврдени ДСГ групи – една група за еден пациент.
Секоја ДСГ група има референтна цена, која е идентична за сите приватни и јавни здравствени установи со договор со Фондот. Во таа цена се вкалкулирани сите трошоци поврзани со извршувањето на интервенцијата: труд на персоналот, лекови, вграден и потрошен медицински материјал, режиски трошоци, одржување опрема и простор, како и сите други придружни трошоци“, се наведува во одговорот од ФЗОМ.
Инаку и двете болници, со години, имаат свои приватни веледрогерии. Всушност, болницата на Жан Митрев, кој и на хартија фигурира како стопроцентен сопственик, ја има фармацевтската компанија „Фила фарм“, која на бизнис-пазарот е од 2002 година, поточно цели 23 години.
Според податоците од Централниот регистар, како управители на веледрогеријата се јавуваат Емилија Јовановска и Александра Димитровска, која е дипломиран фармацевт. Како нејзина основна дејност е трговија на големо со фармацевтски и медицински производи.
Ако се отвори официјалната веб-страница на веледрогеријата може да се забележи дека соработуваат со огромен број брендови, од каде што се набавуваат разни материјали и лекови.
„Почнувајќи од 2002 година изградивме бренд што е посветен на промовирање и дистрибуција на уникатни, напредни и иновативни брендови од медицинската технологија во дијагностика, превенција и лекување.
Нашата амбиција не лежи само во подобрување на здравствената заштита преку иновативни решенија, туку и во комплетна поддршка на нашите партнери преку сервис, едукација и консултации.
Нашето мото „Го носиме светот дома“ е цел што успешно ја постигнуваме благодарение на тимската работа, посветеноста, стручноста и долгогодишното искуство на високоорганизираниот тимски персонал“, се наведува на страницата на „Фила-фарм“.
Сепак, тука е и уште една фирма за фармацевтски производи, и тоа на Орце Камчев. Таа на бизнис-пазарот се појавува многу подоцна, односно на 29 октомври 2018 година, а како нејзини сопственици фигурираат „Орка Холдинг“ и Друштво за градежништво „Делта 2015 Констракшн“, со кое управува кардиохирургот Александар Николиќ, кој истовремено е управител на „Делта Медикал“ заедно со Гордана Ѓорѓиевска и Виктор Јакимовски.
Секој си работи по свое, но редно време е пациентите да бидат ставени на прво место. Сега на потег е Финасиската полиција да си ја заврши работата како што треба и да провери што точно се случувало зад затворени врати на скопската Клиника за кардиохирургија. Оти, некој ќе треба и за тоа да одговора!
Рамка1:
ДИМИТРОВСКИ: СЀ Е СПОРЕД ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ
Актуелниот директор на Клиниката за кардиохирургија, доктор Дејан Димитровски, уште претходно во изјава за „Фокус“ истакна дека, откако тој ја презел функцијата директор, биле преземени сите активности за ревизија и целосна услогласеност на сите процеси со Законот за јавни набавки и другите релевантни прописи.
-Како јавна-здравствена установа, Клиниката останува целосно отворена за соработка со сите институции и контролни органи, со цел да се обезбеди транпарентност, законитост и рационално користење на јавните средства.
Во моментов, сите материјали се набавуваат и се евидентираат исклучиво согласно законската процедура. Запознаен сум дека од претходниот период постојат одредени постапки пред надлежните институции. Тоа се прашања што се во надлежност на органите што постапуваат, а јас, како актуелен директор, сум целосно посветен на тековното функционирање и унапредување на работата на Клиниката, истакна Димитровски.