Мицкоски: Заклучно со април годинава нема да има пензија под 15 илјади денари

by irena 15:37
15:37

Заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување на пензиите за седум илјади денари и, со интервенцијата започната од ноември, нема да има пензија под 15 илјади денари, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, со линеарното зголемување на пензиите, не само што се намалува јазот, односно се зголемува правилната распределба на приходите, туку се намалува и стапката на сиромаштија, бидејќи, како што рече, пензионерите се најсиромашната група граѓани.

Според премиерот, најголем е ефектот кај групата од 150 000 пензионери што претходно имале пензија од 10 до 12 илјади денари.

Сега, како што рече Мицкоски, минималните примања во оваа категорија ќе се движат помеѓу 17.000 и 19.000 денари.

Прашан дали Уставниот суд би можел да го спречи линеарното зголемување на пензиите, Мицкоски, рече дека не би ги коментирал одлуките на Уставниот суд, затоа што, како што наведе „воведовме таква пракса и тоа е правилното – да не се коментираат одлуките на Уставниот суд“.

„Јас само можам да ги коментирам податоците кои ги објави Државниот завод за статистика, односно социјалните показатели и параметри. Таму се анализирани два суштински, кои се битни за граѓаните. Едниот е стапката на сиромаштија, другиот е токму оној Џини-коефициент, односно правилната или неправилната распределба на доходите. Точно е дека како држава сме лидери во регионот и сме над европскиот просек. А што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала – 21,9 отсто, споредено со 22,2 проценти во 2023 година, а ако се спореди со 2021 година, тогаш беше 23 отсто“, додаде Мицкоски.

Слични вести