Растот на вештачката интелигенција (ВИ) веќе предизвикува сериозни промени на пазарот на трудот, а според нов извештај на компанијата OpenAI, некои професии се наоѓаат пред вистинска трансформација – па дури и закана за исчезнување.
Во најновиот труд на OpenAI под наслов „Мерење на ефикасноста на нашите модели во задачи од реалниот свет“, се анализираат 44 работни позиции кои се најмногу изложени на ризик да бидат заменети од напредни ВИ системи.
Малопродажбата – најпогодена индустрија
Истражувањето покажува дека малопродажбата е меѓу најпогодените сектори. ВИ моделот „Claude Opus 4.1“ на компанијата Anthropic успеал да ги надмине луѓето во: 81% од задачите на службеници за шалтер и изнајмување, 79% кај менаџерите за продажба, 76% во работата на службеници за испорака, прием и инвентар.
Во споредба, медицинските сестри остануваат меѓу најотпорните професии – ВИ успеала да ги надмине само во 37% од задачите.
Сем Алтман: „ВИ ќе ја преземе корисничката поддршка“
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, потврди дека ВИ ќе замени голем дел од работните места во корисничка поддршка.
„Убеден сум дека голем дел од сегашната корисничка поддршка, која се одвива преку телефон или компјутер, ќе ја преземе вештачката интелигенција и дека таа ќе го прави тоа подобро од луѓето – изјави Сем Алтман, генерален директор на компанијата „Опен АИ“, признавајќи дека проблемот со отпуштањата го загрижува.“ стои во соопштението на Сем Алтман.
Сепак, тој додаде дека целта не е луѓето да бидат заменети, туку помогнати во нивната работа – иако ризикот од отпуштања е реален.
Што значи ова за иднината?
Иако се појавуваат загрижувачки бројки, експертите предупредуваат дека технологијата не мора нужно да ја замени човечката работна сила, туку да ја трансформира. Работните места што бараат емпатија, креативност, критичко размислување и физичка интеракција засега остануваат најбезбедни.
Сепак, оние што работат во администрација, малопродажба, поддршка, ИТ и медиуми треба веќе сега да почнат со прилагодување и усвојување нови дигитални вештини.
С.Т