Се случи несреќа во Солун кога дел од таван на угостителски објект, во трговски центар, се урнал во време кога низ објектот се движеле голем број посетители.
Инцидентот се случил во саботата попладне. Според првичните информации, во моментот на уривањето во непосредна близина имало повеќе граѓани, но поголема трагедија била избегната.
Во настанот е повредена 45-годишна жена, која се здобила со повреди на главата и вратниот предел. Таа била во свесна состојба кога на местото интервенирале екипите на итната медицинска помош, по што со возило на ЕКАВ била пренесена во болницата „Папаниколау“ во Солун.
Засега нема официјални информации за причините за уривањето, а надлежните служби спроведуваат увид за да се утврди дали станува збор за конструкциски пропуст или за друг вид технички проблем.