Разузнавачот Гроздан Цветковски објави две книги ,,Мафијадонија” и ,,Џандари и арамии”

by valentina 19:40
19:40

Во издание на ,,Академска мисла” излегоа две книги на д-р Гроздан Цветковски, разузнавач и експерт од областа на безбедноста. Во книгите се наоѓаат избрани тематски колумни, објавувани во неделникот ,,Фокус” од првите броеви до денес.

Првата, со интригантен и провокативен наслов ,,Мафијадонија”, во која презентира импресивни секвенци од согледувањата за она што се случувало, се случува и најверојатно ќе продолжи.

Како хроничар на едно време-невреме, авторот со извонредна луцидност, внимателно, со намерно избрани и нанижани архаизми и малку подзаборавени изрази, го жигосува она што сите го гледаат, доживуваат, но истовремено на еден изопачен начин го прифаќаат за нормално. Впрочем, Цветковски неологизмот,,Мафијадонија” го квалификува како ,,неорганизирана држава каде само апашлукот е организиран”.

Втората книга ,,Џандари и арамии” е интересна метафора за тие што треба да го спроведуваат законот, но и за оние кои себеси се доживуваат над законот, живеејќи во конфорната зона. Говори за полицијата, негативната селекција, дилентантизмот и отсуството на јасен концепт за тоа кој треба и може да работи во безбедносно-разузнавачките служби.

Без дилема, инсајдерските согледувања на аномалиите во безбедносните структури како облик на институционален криминал, му овозможиле автентично и детално согледување и анализирање. Токму поради борбата против злоупотребите и самоволијата во безбедносно-разузнавачките служби, Цветковски бил жртва заедно со уште седум колеги во мугрите на распадот на поредокот во осумдесетите години во познатиот случај ,,Осуммината од МВР”.

Текстовите и во двете книги се лесни за читање, бидејќи авторот со едноставен и прецизен литературен израз е велемајстор на кусите колумни, во кои со минимално одбрани зборови ги доловува општествените состојби, феномени и деформации.

Двете книги можат да се набават во книжарниците на ,,Матица Македонска”.

Слични вести