Претседателот и опозицијата треба да капитулираат

by Fokus

Текстот е објавен 2 февруари, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1165

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Се прашувам колку луѓе разбираат во каква очајна ситуација е доведена земјата од поведението на политичарите и од нивните политики. Јавната дебата за актуелната политичка ситуација покажува дека сѐ уште не сме свесни за нашата позиција во меѓународното општество на држави, чија рамка ја држат големите сили.

Ние, имено, сѐ уште веруваме дека навистина преговараме. Не разбираме дека, по „заробената држава“ и „антиквизацијата“, Македонија е поразената страна, не толку во односите со Грција, колку во односите со Европа и Америка. Ќе победевме ако изградевме пристојна демократија и си ги расчистевме историските и идентитетските теми, согласно модерната научна мисла.

Вака, и од најдобронамерните, само осуда за нашето поведение и за пропуштените прилики политиката да стори нешто за својот народ, еден од најсиромашните во Европа. Можеби владата е нова, но да нема никакви сомневања дека државата преговара од позиција на страна со загубен углед.

Страна поразена од сопствената домашна политика, која од државата направи failed state и поразена од сопствената меѓународна политика, која реши да ги постави темелите на нашиот идентитет во грчката историја и култура, не размислувајќи за последиците. Ако е ова точно, тогаш не станува збор за некакво македонско дипломатско „филигранство“ на актуелната власт, туку за спасување на она што може да се спаси. Што може да се спаси, ќе се види наскоро.

 ЛАПСУС ИЛИ ИТРИНА

Од нашата екипа во преговорите со Грција – влада, претседател, министер за надворешни работи и опозиција, се очекува единство. Можно ли е тоа?

За да се оствари таквото единство во домашните преговори, прво треба да капитулираат претседателот и опозицијата, признавајќи ја својата вина за погрешната надворешно-политичка стратегија и постројувајќи се зад современото решение: млада словенска нација и мултиетничка држава, чие име би произлегло од модерниот, а не од античкиот идентитет; јазикот и народот во латиничен превод од нашата кирилична азбука makedonski и Makedonci (без превод на англиски), и толку. Тоа, со техникалиите што следат, е целото решение. Ако некој од водството на Македонија успее со своја уста да го испелтечи ова, ќе нѐ доведе пред портите на решението.

Меѓутоа, никој не ги изговара овие „страшни“ зборови. Барем не до крајот на процесот на преговорите околу градење домашен консензус. Бидејќи власта не излезе со нова политика која би била спротивна на онаа на претседателот и опозицијата, сега сите се обединети околу најнискиот заеднички именител. А, тоа е? Тоа е – досегашната политика.

Идејата, претпоставувам, е да се сочува внатрешното единство и преку модификација на досегашната политика, со определен број отстапки кои државата ќе ги направи, сите заедно да стасаме до целта – компромис со Грција.

Ако, притоа, некој положува надежи во изјавата на Ципрас дека нашата страна сакала да има монопол врз Александар Велики и античката македонска историја, па Грците бараат можност да ја споделуваат со нас, тоа е грешка. Изјавата на грчкиот премиер е или лапсус или итрина, која дава лажна надеж. Зашто, што и да се договорат нашите политичари околу поправањето на старата македонска политика, тоа нема да биде доволно за Грција.

 НЕПРИЈАТНИ ВИСТИНИ

А, сепак, интелектуалците и политичарите одбиваат да се соочат со овие реалности. Некој рече дека владата треба самата да го понесе товарот на решението. Лесно е да се рече. Но, ќе може ли? Ако, во услови на неединство, владата реши да донесе решение сама, а потоа, сама да оди и на референдум, претседателот и опозицијата ќе се соочат со изборот, да соработуваат или да опструираат.

Од аспект на нивниот личен политички углед и опстанокот на нивната партија, изборот ќе биде – да саботираат, со образложение дека новата влада направила преголеми отстапки и ги загрозила националните интереси на македонскиот народ.

Всушност, опструкциите веќе почнаа, како со законот за јазиците, така и со отсуството на сериозни зборови на поддршка до владата, по првата лидерска средба. Така е тоа кога нивната политика, а не некаква нова, останува основата од која се поаѓа во преговорите со Грција.

Иницијативата, повторно, не е кај нас, затоа што нашите шупливи научни институции немаат што да кажат, а политичарите внимаваат (кој беше изразот?) – „да не ги фатат на кривина“, па да ги исфрлат од седиштето на власта или да не бидат прогласени за предавници. Затоа, пак, се најавува силна грчка иницијатива на која работат, сигурно, заедно со своите научни и истражувачки центри.

Значи, повторно, пресуден ќе биде меѓународниот притисок кој ќе треба да ги кочи Грците и да им објаснува на македонските политичари во каква ситуација е Македонија и какви темни времиња ја чекаат државата надвор од ЕУ и од НАТО.

Меѓутоа, ако во процесот на убедување, видат дека ќе предизвикаат распад на политичкиот систем на земјата, ќе престанат да нѐ притискаат, за да не предизвикаат поголема штета. Зашто, сепак, ние дома сме најповикани да си ги кажеме во лице сите непријатни вистини, во интерес на загрозениот опстанок на државата и на нејзините народи.

 ЗАСПАНИТЕ ПОЛИТИКИ

Да си демократ и да си пристоен кон претседателот и кон опозицијата не значи да не се спротивставиш со нови политики како алтернатива на досегашните. Да си пристоен, не значи да немаш сопствена детално разработена стратегија која ја спротивставуваш на досегашната, која се покажала како неуспешна.

Најмалку, пак, напомош да викаш извикани личности, седнувајќи ги во првите редови на своите церемонии и барајќи од нив јавно да застанат во ваша одбрана. Што тие, со задоволство, ќе го сторат, без трошка критичност. И се во името на некаква „сплотеност“, збор кој ме потсетува на старите плотови кои, во детството, ги прескокнувавме и кои така лесно се ронеа и паѓаа под нашите нозе.

Што е тоа ново што дава надеж дека токму сега државата може да ја постигне целта? Кажав веќе – новото е ривалитетот меѓу Западот и Русија на Балканот. Тој ривалитет го прави македонско-грчкиот спор нивно безбедносно прашање. И нивно, не само наше. Значи, надежта е во фактот дека се работи и за нивен интерес, особено за нивен безбедносен интерес, кој ги покрена заспаните политики на Грција и на Македонија, туркајќи ги кон решение.

Имено, иако не е популарно тоа да се каже, па, забележувам, политичарите на двете земји не го спомнуваат, ништо помалку од притисокот на големите сили, и на Америка, пред сѐ, не ќе го турнеше закочениот процес толку далеку и толку бргу во толку кратко време. Да, сеприсутната невидлива рака на големите сили го турка процесот кон финалето. Ќе успеат ли? Без соработка на двете страни, Македонија и Грција, тоа нема да биде можно.

Она старото, пак, кое го прави исходот неизвесен е дека и натаму имаме еден дисфункционален политички систем, кој тешко произведува демократски одлуки. Системот на „заробена држава“, кој сегашната власт го наследи од претходната, е добар за наметнување решенија, но е никаков кога се работи за градење консензус преку дијалог. Притоа, консолидацијата на демократијата е еден процес на обнова, а не чин кој стапува на сцената со самото паѓање на авторитарниот систем. А ние, сѐ уште излегуваме од длабоката политичка криза.

 „БЕБЕ ОД КАТРАН“

Затоа, сегашнава опозиција треба да помисли двапати, што направила изминативе десет години, пред да ја обвини власта за примена на недемократски методи кои таа ги усовршила. Знаејќи за неспособноста на македонскиот политички систем да произведе решение, свесен за краткото време и за острината на грчкиот национализам кој ќе оди со максималистички барања, размислувам за решение.

Решението би било големите сили да смислат начин прво да се реши прашањето за името, што би и овозможило на Македонија да влезе под заштитниот чадор на НАТО, а во годините пред нас, додека траат преговорите за членство во ЕУ, да се размрсуваат историските и емотивните јазли меѓу Македонците и Грците. За жал, иако добар, предлогот е неприфатлив за Грција.

Недовербата помеѓу двете земји е поголема од онаа меѓу партиите внатре, па грчката страна, од страв да не и избегаме од контрола, во случај да ни ги отвори вратите на НАТО, веќе инсистира на целосно решение. И повторно, свесни за опасностите на нерешениот спор, останува на големите сили да пресечат. Што можат тие да сторат?

Ставени во позиција да бираат помеѓу Македонија и нивниот сојузник Грција, јасна е насоката во која ќе покажуваат нивните државни интереси. Значи, не може да биле или-или, туку и-и. Едно е јасно: оставено на нас и на Грците, решение нема да има.

Оттаму, се зависи од тоа колку длабоко се спремни да се инволвираат големите сили во Македонија, балканското „бебе од катран“, како што ја нарече американскиот емисар Роберт Фровик, на почетокот од нашата независност, и како ќе излезат на крај со својот незгоден сојузник, Грција.

Зашто, над Македонија одново се слуша ехото на историјата: деновиве, на Грците кои протестираа со транспаренти на кои беше испишано  – „Македонија е наша“, Каракачанов, министерот за одбрана на Бугарија, им довикува – „Македонија е наша“… Наша, ваша, но секогаш врз нашите глави. Ете, тоа е најкраткиот курс за тоа како настанала македонската нација –  ако успееме да ја сочуваме.

Поврзани новости