Зврлевски веќе четврта година го „истражува“ случајот Актор

by fokus

Грчкото обвинителство за борба против корупцијата покрена обвинение против грчката фирма „Актор“ за сторено кривично дело перење пари и проневера на сума од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица во Македонија. Судското гонење на „Актор“ во Грција доаѓа по извештај и анализа на Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) бидејќи целиот случај се смета дека ги оштетил интересите на Европската Унија.

Од ОЛАФ засега нема информации дали ја завршиле истрагата и за делот кој се однесува на Македонија, бидејќи истражуваа и можна корумпираност на македонски институции и функционери. Еве што пред една година на прашање на „Фокус“ ни одговорија од ОЛАФ:

-ОЛАФ може да потврди дека има истрага за случајот за кој прашувате „Актор“. Сепак, бидејќи истрагата е во тек, не можеме да дадеме било какви понатамошни коментари. Ова е со цел заштита на доверливоста на тековните и можните следни истраги, следните судски постапки, лични податоци и процедурални права. Фактот што ОЛАФ истражува не значи дека лицата/субјектите кои се вклучени сториле измама. ОЛАФ целосно го почитува начелото не персумпција на невиност и правото на одбрана на лицата опфатени со истрагатаизјави пред една година за „Фокус“ Клаудија Ковер од Европската канцеларија против измами (ОЛАФ) на Европската Комисија.

Иако тогаш од ОЛАФ не ни открија повеќе детали, сепак неофицијално дознавме дека за овој случај се обезбедени и „свиркачи“, односно сведоци кои се спремни да сведочат во Брисел за наводната корупција.

Сепак, од европската институција не сакаа да откријат дали и колку укажувачи се понудиле за соработка, со цел нивна заштита.

– Не сме во состојба да одговориме на вашето прашање. ОЛАФ обично не коментира вакви прашања. Ова е со цел да се заштити доверливоста на лицата кои сведочат за измама, на можната истрага, на можните понатамошни постапки, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедурални права, ни одговори Ковер.

Дека има граѓани кои се спремни да сведочат во Брисел за наводна злоупотреба на пари од европските фондови, тогаш информираше и белгискиот посредник Питер Ванхауте. Тој истакна дека има „свиркачи“ кои се подготвени да раскажат како до 40 отсто од парите во ИПА фондовите незаконски завршуваат во приватни џебови.

– Во прашање е многу голема корупција и можам да кажам дека дојавувачите на информации имаат волја да дојдат во Брисел и да сведочат за злоупотреба на европските фондови. Нема да се откажеме. Имаме свиркачи и ќе дејствуваме. Истрагата не е важна само за оваа држава, туку и за меѓународната заедница. Ние имаме право да знаеме каде и како се трошат нашите пари во оваа држава, изјави неодамна Ванхауте.

Додека ОЛАФ истражуваше, од Основното јавно обвинителство веќе четврта година предметот го чуваат во фиока.

Поточно, Управата за финансиско разузнавање, почна да ја чешла работата на грчката фирма уште од крајот на 2013 година. Оттаму во голема тајност и молк го истражувале случајот „Актор“, а за него јавноста слушна неколку месеци подоцна, кога СДСМ го обелодени наводниот криминал. Од партијата посочија дека дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од 10 месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции. Според нивните информации, грчките државјани организирано со автобус доаѓале во Неготино и во присуство на директорката Атина Зиога го подигале кешот, а потоа, според СДСМ, тој кеш го оставале во земјава, бидејќи границите ги напуштале со празни џебови.

Откако овие информации излегоа во јавност конечно се огласи и републичкиот обвинител Марко Зврлевски кој посочи дека покренале предкривична постапка. Но, по само еден месец, Зврлевски истакна дека степенот на сомнеж бил на најниско ниво, па затоа сметката на фирмата беше одмрзната и таа продолжи со работата. Сепак, од обвинителството се правдаа дека случајот не е затворен, туку продолжиле да истражуваат, а сега велат дека се уште истражувале.

Во меѓувреме и истражните органи во Грција отворија сопствена истрага.

„Грчка градежна компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од ПЈРМ за да го добијат договорот вреден 270 милиони евра за изградба на автопат во таа земја. Градежните работи на Демир Капија – Смоквица почнаа во септември 2012 година, а грчката компанија го доби договорот иако имаше значително повисока понуда од околу 40 милиони евра во однос на конкурентите. Вклучени се филијала на грчката компанија во поранешната југословенска Република Македонија и поединци од Грција. Во Грција прелиминарната истрага за перење пари и мито е во тек. Грција побарала правна помош од ПЈРМ во јуни 2014 година, а додека чека одговор на барањето, побарала помош да посредува европската Еуроправда“, се наведува во извештајот на ОЕЦД објавен во 2015 година.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости