Зврле politikon „ЦРНА ЈЕ ОВО СУДБИНА“!?

by Фокус 22:02
22:02

пишува Кирил Ефремовски, Комуниколог и граѓански активист

Бројот и интензитетот на политичките случувања денес, првенствено можат да ги издржат оние со заразени вештини за добра дигестија. Апстрахирајќи се од одредени политички изјави и целата какофонија што ја предизвикаа, не може да се изостави, по многу нешта, намерата и изјавата која државниот јавен обвинител ја соопшти денес.

- Advertisements -

Ако си спомнувам добро, денешната изјава на јавниот обвинител Марко Зврлевски е една од ретките што тој лично ја има дадено во јавноста за сиот период откако е именуван на таа позиција од јануари 2013 година. Денес обвинителот Зврлевски се реши да излезе надвор од своите овластувања како обвинител и почна да толкува политички договори, кои потоа партиципиентите се согласиле со истите и ги преточиле во закон, е спротивно на неговиот мандат и позиција. Марко Зврлевски како јавен обвинител нема право да го толкува Законот за специјалното јавно обвинителство, ниту, пак, да се впушта во политичка оценка за начинот на кој истиот тој закон е донесен или, пак, како се „родил“. Доколку истиот тој закон се имплицира и врз неговото обвинителство (иако не), тој има должност истиот само да го почитува и спроведува.

Законите  се резултат на одредени политички договори, кои откако ќе бидат постигнати, почнуваат да претставуваат норми кои регулираат определени правила и политики. Колку за потсетување, истиот тој Марко Зврлевски беше предложен за позицијата што ја врши во координација со политичка партија и избран во истата институција која ја избра и Катица Јанева и го донесе законот за Специјалното јавно обвинителство. За разлика од Зврлевски, обвинителката Јанева, заедно со нејзиното обвинителство, беа избрани со многу поголемо мнозинство на гласови, споредбено од истиот тој Зврлевски. Конечно, дури и Уставот на Република Македонија е резултат на одреден политички договор кој подоцна се трансформирал во правило, господине обвинителе, па вие велите дека го почитувате.

Додека Зврлевски изјавува дека Специјалното јавно обвинителство е политичко и истото не го признава, а има намера (претпоставувам според добиениот налог) да го оспорува пред Уставниот суд, се прашувам дали си спомнува што правеше тој, Зврлевски и во какво својство беше пред две години на прославата на политичкиот претставник Амди Бајрам, заедно со политичките претставници Груевски и Мијалков, додека го слушаа Сербезовски?

Доколку, пак, почнеме да се прашуваме која е вистинската причина и цел на државниот јавен обвинител да почне да го оспорува изборот и мандатот на Катица Јанева и новото Специјално обвинителство, логиката повторно нѐ води во исклучително теснополитички,  дури и партиски мотиви, а имајќи ја предвид целокупната политичка ситуација и развојот на последните настани.

Бидејќи Специјалното јавно обвинителство го претставува главниот дел од лостот, преку кој треба да почне да се применува Договорот од Пржино, со цел да се премости актуелната политичката криза, реакцијата и намерата на државниот обвинител треба да се толкува како идеја за саботажа на пржинскиот договор. Дали целта на Зврлевски е само „бранење на фелата и оценка на законитоста“ или, пак, понизно спроведување на нечија друга агенда, е прашање кои сите ние треба гласно да си го поставиме, доколку навистина сакаме оваа политичка криза да биде надмината што поскоро. Што сака реално да постигне државниот обвинител и дали неговата намера за поднесување иницијатива до Уставниот суд претставува само спроведување на одредена партиска политика?

Денес и Марко Зврлевски и Советот на јавните обвинители недвосмислено покажаа дека не сакаат да го спроведат тоа што е напишано во закон, и тоа „специјален“, кој, пак, треба да претставува почеток во приказната за „way-out“ од долгата општествено-политичка криза.

Затоа апелот на Катица Јанева за помош, како крик на немоќ, треба да биде соодветно ислушан од медиумите, од граѓанските организации и од сите други чинители во општеството што искрено посакуваат политичката криза да не се продлабочува дополнително, а општествените процеси конечно да тргнат во вистински правец. Во спротивно, доколку обвинителката Катица Јанева биде оспорена, а нејзиниот целокупен тим модифициран или конечно неприфатлив, таа, како што и самата изјави, треба да си поднесе оставка и недвосмислено да покаже дека нема да биде дел од нечии пазарења или уцени. Е, дури тогаш сите ние, исто како и Зврлевски со неговите блиски политички пријатели од прославата на Амди, заедно ќе ја пееме „Црна је ово судбина“.

 

 

Поврзани новости