„Ѕвезденото небо е по желба на Тоше“

by Фокус

На петти октомври, датумот на кој Тоше Проески го одржа својот последен концерт, на плоштад Македонија по осми пат ќе се одржи настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“. Настанот ќе започне во 19:30 часот, а организатор е фан клубот на Тоше од Македонија.

По подолго време ќе биде објавена и нова песна од македонската музичка легенда, а организаторите велат дека овој настан се одржува по желба на Тоше, бидејќи на својот последен концерт на стадионот во Скопје тој  побара од својата публика секој петти октомври да се собираат на хуманиратен концерт.

-За жал судбината имала други планови, па не остави нас фановите традицијата да ја продолжиме без него, но за него. Освен што сакаме да го исполниме аманетот што ни го остави, наша цел е и да ги запознеме новите генерации кој беше Тоше. Да им дадеме пример како една млада личност треба да се однесува. Не смееме да си дозволиме нашите деца да не знаат за ваква личност, која за многу од нас беше херој. Херој, пред се, во човечноста и моралот, а потоа во музиката“, за Фокус изјави Ивана Таневска, дел од фан клубот на Тоше од Македонија.

Фан клубот на Тоше Проески ги поканува сите оние кои ја сакаат музиката на најпознатиот македонски пејач во понеделник на петти октомври да бидат дел од ѕвезденото небо за Тоше и да ја слушнат неговата нова песна.

Катерина Смилева

Поврзани новости