Зошто тркалото Коце, зошто?

by lali

photoЗа проектот Скопје 2014, срамот на Македонија и симболот на забеганоста и корумпираноста на владата на Груевски, напишани се илјадници страници, искористени стотина метафори. За жал, главно метафори за исмејување. Странците се крстат кога ќе ги видат спомениците, а граѓаните на Македонија се крстат кога ќе си ги видат паричниците по подмирените давачки кон државата.

Да нема дилема, Скопје 2014 го чувствувам и како личен пораз и неуспех. Пораз зошто не успеав да придонесам во креирање движење кое остро ќе се спротистави кон него. Пораз зошто не успеав да го спасам градот што најмногу го сакам.

И наместо полека владата да го привршува ова расипничко трошење, уништувањето на ликот и џебот на Скопје продолжува. Во услови кога владата се чувствува прекомотна (никако уплашена и замислена како што сакаат да манипулираат некои) со одлуката за изградба на панорамското тркало удира шлаканица на сите, и на оние што се против овој проект, но верувам и на дел од оние кои гласале за Груевски. Без око да им трепне за 15,5 милиони евра ќе се гради панорамско тркало. Зошто? Веројатно за ќеф и провизија.

А, Коце? Што Коце? Па, тој не донел ниту една одлука за ниту еден од објектите на Скопје 2014. Се сеќавате кога заедно со Тодоровиќ на почетокот бегаа од јавноста и овој проект, како одбранбен фудбалер од Суарез. Имено, за само една година од вториот мандат, градоначалникот на Скопје (по дефиниција само) се откажа од неколку крупни инвестиции кои ги ветуваше во 2013 година и за сите оправдување беше немањето средства. Ако само се ѕирне во предизборната програма на Коце ќе видиме дека веќе се откажани најкрупните ветувања: трамвај, гасификација на Скопје и средните училишта, ски-патека на Водно, подземна сообраќајница, лунапарк, содржини во Градски парк, двонасочна електронска комуникација со граѓаните, бележење пешачки патеки на Водно (веројатно не мислел на овие кои со камиони се преполовуваат скопските бели дробови). Нема ниту минимална борба против секојдневното загадување на Скопје. За капитални инвестиции со кои се подобрува животот на граѓаните нема пари, но пари има за панорамско тркало и тоа од 15,5 милиони евра.

Изгледа многу пари се 15,5 милиони евра. Пари со кои можеше да се реализира на пример: ветувањето за гасификација на средните училишта, замена на азбестните кровови и обноват стручните лаборатории во сите од нив. Или, пак, да се изгради гимназија во Аеродром и да се обнови средното стручно училиште во Ѓорче Петров, потоа да изгради здравствен дом во Бутел и однесе вода до Нерези (исто така едно од ветувањата на Коце). Или да се покријат сите автобуски билети за учениците и за студентите. И од кои проекти повеќе корист ќе имаа граѓаните на Скопје?

Навистина кој ќе има корист од ова тркало, односно, кога би се вратила инвестицијата? На пример една карта нека е 1 евро, потребни се 42.465 карти дневно да се исплати за една година, да речеме при инвазија на кинески туристи. А, струјата за вртењето? Цена права ситница, неа ќе ја покрие еден тазе увозник на струја. Мало оптоварување само ќе бидат деновите вторник, четврток и недела кога од автобус ќе улетаат пензионерите.

Или да земеме предвид еден од главните аргументи на владата на Груевски и Ахмети (тука јас не правам разлика) дека со Скопје 2014 се штеди на кирија која нели се плаќа на олигарсите. На пример, да земеме една институција која плаќа 4.000 евра месечно, истата би се исплатила со градбата за 322 години. Што се 322 години, за час ќе поминат.

Единствено ќе им биде интересно на административците кои ќе работат таму. На три корпи со непартиски активисти од ВМРО, една корпа за ДУИ. Таа ќе биде празна зошто тие земаат плата, а не одат на работа. И цел ден ќе си се вртат и од висина ќе го гледаат градот и смалените граѓани, единствено пред очи ќе им бидат во природна големина одредени делови од Аце и Букефал.

За безбедноста на панорамското тркало ќе се грижи полицијата со 5-те скутери донирани од Коце, и тој да возврати на парите од буџетот на Македонија со донација за МВР.

Се очекува поприлично средства да се соберат и од разгледниците за промоција на туризмот во рамки на кампањата „И ти си лицето на твојата земја“, check-in Skopje, наменски направени со Груевски качен на панорамското тркало, Амди фатен на крмата на пиратската галија до тркалото и во позадина Ахмети потпрен до полицаецот кој го чува споменикот на цар Душан.

Затоа оваа економска и политичка шлаканица треба да биде опомена дека Македонија сѐ уште не го допрела дното. Политичките елити и нивните медиумски поддржувачи да не шират лажна надеж дека Груевски е наводно готов или е на мака. Ова не го прави човек кој гледа противник околу себе. Не, тој е во облаци, воопшто и не гледа што има околу него, зошто разединети се губиме во просторот и во медиумската тишина. Борбата против ваква забегана власт не се води индивидуално и без план. Опозицијата да започне активизам за референдумско изјаснување за овој проект и предлог пренамена на овие средства во проект по избор на граѓаните на Скопје. Медиумите кои се загрижени за иднината на државата во која работат секојдневно треба да го поставуваат прашањето: Зошто тркалото Коце, зошто?

Оваа опомена, особено треба да биде мобилизатор кај младите, за креирање фронт против апсурдноста на трошењето на нивната иднина. Иднина во која актуелната власт не само што не вложува ништо, туку секојдневно ги задолжува младите граѓани.

Скопје и потребите на граѓаните во Скопје се сосема поинакви и поразлични од ова панорамско тркало. Многу борби изгубивме, да не дозволиме и оваа. На Скопје му треба итно пренамена на овие 15,5 милиони евра за секојдневни услуги живот што значат, украдениот дух тешко ќе се поврати, но борбата против иднина во која само ќе шетаат духови може и мора да почне со отпор против панорамското тркало.

Поврзани новости