Откако на вчерашното рочиште, судијката, го сослуша сведокот Јовица Стефановиќ-Нини, денеска повторно не го прифати барањето на Заев на судењето да се појави и Дончев, бидејќи според него тој е клучниот сведок. Ваквото барање судијката го одби и пред два месеци и тоа без образложение. Единствено кажа дека на нејзината одлука одбраната нема право на жалба, а образложението за тоа зошто Дончев не е погоден за сведок, ќе го дадела дури во пресудата.
Од СДСМ се затекнати од ваквата одлука, бидејќи до судот ја доставија и адресата на Дончев, на која што со години живее во Австралија, а додека, пак, за газда Нини, иако немаа информација каде живее, судот експресно го лоцираше.
-Сè е јасно. Неприфаќањето на судот Ден Дончев, доставувачот на снимката, да биде сведок и повторното одбивање тој да биде сведок, само ја потврдува извесноста на решението на судот за овој процес, изјави лидерот на СДСМ, Заев, кој додаде дека оваа фарса ја потврдувало и тоа што судот му дозволил на Груевски да не даде одговор дали гласот на снимката е негов или не, туку само да се повика на партиско соопштение.
Во завршните зборови Зоран Заев кажа аудио-снимката за наводниот поткуп при продажбата на „Македонска банка“ ја добил лично од Ден Дончев, кој во тоа време бил генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ. Исто така истакна и дека Дончев му ја потврдил веродостојноста на сите трансакции кои се споменуваат во снимката.