Зошто СЈО не ја пречекува Фамилијата со локум?

by fokus 12:35
12:35

Тие никако не можат да разберат дека им доаѓа времето за плаќање на фактурата. Дека сето досега беше само загревање, дека вистинските постапки допрва ќе следат, а тоа за ниту еден обвинет не е пријатно, особено не за припадниците на париската буржоазија, која десет години живееше како во бајка

Пишува: Александар ТОРТЕВСКИ

Интензивирањето на постапките во СЈО предизвикува огромна нервоза кај припадниците на владејачката партија, и тоа само го потврдува одамна познатиот факт дека тие луѓе во изминативе десет години изградија две паралелни држави, два паралелни система. Една Македонија со комплетен систем и институции што работат само за нив и за исполнување на нивните желби и друг паралелен систем и држава, кои се за останатите граѓани. Вистинска поделба на патриции и плебејци. Тие полека станаа вистинска каста отуѓена од другите луѓе, од реалноста и од реалниот живот на обичните граѓани, чии деца и сопруги секојдневно умираат во породилиштата и во болниците, и тоа од болести и ситуации кои во нормалниот свет бараат само рутинска лекарска интервенција.

СКАП ЧАСОВНИК И БРЕНДИРАНИ МАИЧКИ

Во светот што им го создаде на неговите обични граѓани, нема ништо добро. Нема вработување, нема кариера, нема чесно и коректно судење, нема добар факултет. Од друга страна, за кастата на Груевски има сѐ. Тој гордо по поплавите оди во Стајковци и заборава да го симне часовникот, кој секаде во светот покажува дека тој што го носи е многу успешен човек, со многу високи примања. Тој заборава дека во изминативе десет години официјално имаше плата од 80.000 денари, со која легално никако не би можел да ги купи ниту скапите брендирани маички во чудни бои што ги носи. Затоа тој пред извесно време и почна да држи серија предавања за начинот на исхрана на просечниот Македонец, при што нѐ учеше сите дека почесто би морале да консумираме морски плодови и ладно цедено маслиново масло.

Тој пред околу две години ги осозна предностите на медитеранскиот начин на исхрана (нешто што просечниот граѓанин одамна го знае), но благодарение на неговата политика веќе не може да си го дозволи.

И сега одеднаш на кастата што живее како во рајот им се појавува СЈО, кое ги враќа во суровата реалност и ги потсетува дека и тие се граѓани на РМ, кои имаат обврска и одговорност и за кои и досега требало да важат истите закони и процедура што важат и за плебејците. И тоа многу тешко им паѓа, иако мора да се каже дека СЈО го одбра помекиот начин на стартување на постапките со целосно почитување на пресумпцијата на невиност и со барање многу поблаги мерки за претпазливост од тие што вообичаено ги бараше и секогаш ги добиваше Одделението за организиран криминал во постапките против обичните граѓани и политичките противници на месијата.

Споредете ја само постапката против Љубе Бошкоски за дело што објективно е обичен прекршок и постапките што се водат против верните следбеници на Груевски. Сите паметиме како Љубе беше легнат на асфалтот со пиштол во устата и држен толку колку што било потребно да стигнат сите куртонски медиуми за да ја објават таа слика на сите ударни вести. И сите други предмети беа следени со спектакуларни апсења пред камери, и тоа најчесто на луѓе кои претходно по неколкупати уредно се одзиваа на поканите и соработуваа со органите на прогонот.

ОД РАСПИТ ВО СЈО, НА РИБА ВО „ВОДЕНИЦА“

Речиси сите спектакуларни апсења беа спроведени на ден кога имаше некој друг настан од кој требаше да се сврти вниманието на јавноста. Така, судиите во предметот „Јустиција“ беа апсени дента кога беше објавен извештајот на Европската комисија за Македонија а професорите на Економскиот факултет беа апсени еден ден по објавувањето на спектакуларната снимка од разговорот на Грујо со гатачката. Наспроти нацистичкото постапување на ОЈО, тимот на Јанева со покани ги повикува на разговор членовите на кастата на Грујо, и тоа за нив е катастрофа. Тоа се политички хајки, тоа се постапки што ги нарачува опозицијата. Луѓето кои буквално ја уништија Македонија, кои изнесоа преку милијарда евра надвор, кои ја задолжија земјата за нови 5 милијарди, кои нарачуваа тепање, а можеби и убиства на политичките противници, кои уништуваа огромни фирми и имоти само поради нивната болна суета денес плачат кога ќе добијат обична покана за разговор во СЈО.

Тие би сакале во СЈО да бидат пречекани со локум и со цеден портокал, а по разговорот да заминат во „Воденица“ на морска риба и морски плодови согласно најновите нутриционистички сознанија на вождот. Силванева Бонева веројатно очекува да ѝ бидат платени патните трошоци во износ од неколку илјади евра за едно патување од Струмица до Скопје. Износ што таа се навикна да го наплатува во десетте години практикување власт, небаре од Струмица до Скопје патува со спејс шатл. Тие никако не можат да разберат дека им доаѓа времето за плаќање на фактурата. Дека сето досега беше само загревање, дека вистинските постапки допрва ќе следат, а тоа за ниту еден обвинет не е пријатно, особено не за припадниците на париската буржоазија, која десет години живееше како во бајка.

Србите велат „што зарадиш на мосту, изгубиш на ќуприји“. На Грујо и компанија им помина времето на енормно печалење и живот од бајките. Сега им доаѓа времето кога нема да поминуваат на мостови градени само за нив. Доаѓа време за возење на скеле (ќуприја), а скелеџијата не е никој друг, туку СЈО, кое ќе им ги наплати сите избегнати патарини и мостарини што тие избегнуваа да ги платат, и тоа без разлика колку ќе боли. Па, и нека боли. Секоја револуционерна промена бара жртви.

Поврзани новости