Зошто се штитат интересите на зелената мафија?

by Фокус 11:49
11:49

Арбен Гоља

 

Се ближи големиот христијански празник Велигден. Традиционално, очекувaњата на секое просечно македонско семејство е во таа чест да приготви богата семејна трпеза, која ќе биде збогатена со јагнешко месо и со свежа зелена салата. Но, кога сме кај зелената салата, оваа, велигденската ќе ви биде многу солена и горчлива.

- Advertisements -

Се прашувате зошто?

Од пред неколку дена, нашата „Агенција за храна“ почна строго да го контролира квалитетот на секој увоз на раноградинарски култури, а со тоа свежите раноградинарски производи, по 5 дена во камионите задржани на царина, ќе ја изгубат својата свежина и ќе завршат на ѓубриштата во Дрисла.

Првично ќе си помислите, така е исправно, Државната агенција за храна се грижи за нашето здравје, но по велигденските празници ќе сфатите дека сте изманипулирани и ќе бидете лути и разочарани.

Поради оваа перфидна игра, во која Агенцијата за храна ги злоупотребува своите овластувања во нечија корист, овој период, па сѐ до завршувањето на овој голем верски празник, нема да има увоз на овој вид производи.

НАШЕТО ЗДРАВЈЕ ИЛИ НЕЧИЈ ЏЕБ!

Ако земете предвид, мои почитувани сограѓани, дека нашето домашно производство на раноградинарски производи, во овој период од годината, ги задоволува едвај 30 отсто од потребите на домашниот пазар (останатото е сѐ од увоз), веќе Ви станува јасно дека цените на овие производи ќе се зголемат драстично, бидејќи тие ќе бидат дефицитарни.

Со ова дебело ќе профитираат две-три домашни оранжерии што произведуваат раноградинарски производи. Сега се надевам дека Ви е појасно, па донесете самите заклучок дали Агенцијата за храна се грижи за вашето здравје или за нечиј џеб!

Дали знаете дека 1 кг домат во малопродажба во Солун чини 1.30 евра, односно 80.00 денари, а кај нас во истата малопродажба чини преку 2 евра за килограм, односно околу 150 денари. Ве прашувам Вас, како е можно кај нас да е за двапати поскап овој производ во споредба со Грција, чиј стандард и просечни плати се најмалку за двапати повисоки!? Кого штити државава, односно Агенцијата за храна: нас граѓаните или, пак, интересите на зелената мафија?

За илустрација, за увоз на роноградинарски култури во нашето соседство Србија, царинските давачки се 10 отсто за овие производи од земјите на ЕУ и 15 отсто од земјите што не се членки на ЕУ, како на пример Македонија и Турција. Во Република Грција, царината за овие производи е варијабилна, но се движи од 10 до 15 отсто за земји надвор од ЕУ.

Во Македонија, за увоз на раноградинарски производи, царината плус прелевмани изнесува фантастични 65 отсто. Зар никогаш не сте се прашале зошто се овие наши салати на пазар толку скапи, ако не сте се прашале зошто – сега Ви е јасно, како што Ви е јасно зошто имате мешавина на солен и горчлив вкус во устата кога ги јадете.

ЦЕНИ КАКО ВО ПАРИЗ

Повторно се наметнува прашањето кого штити државата ако домашниот земјоделец нема капацитети да ги подмири барем потребите на домашниот пазар!? Како е можно во соседството да се произведуваат овие производи за половина цена поевтино од нашето производство?

И покрај овој ноторен факт за состојбата на нашето производство на раноградинарските производи и нивниот дефицит на домашниот пазар, Агенцијата за храна го опструира увозот на истите, а на тој начин се фризира цената во малопродажба, така што граѓанинот кога е на пазар има чувство дека ѓоамити живее во Париз.

На овој начин, оваа Агенција ги опструира редовните увозници, задржувајќи им ги камионите полни со свежи раноградинарски производи по 5-6 дена на царина, заради некаква си анализа на квалитетот, иако оваа стока е со фитосанитарни сертификати од земјата-извозничка, вообичаено од земјите-членки на ЕУ.

Инаку ваква практика не се памети дека била применувана од страна на оваа Агенција. Но, симптоматично е зошто кога воведува ваква практика, не вршат вакви анализи на лимоните, портокалите, бананите…

Повеќе од очигледно е дека оваа институција работи во нечиј интерес, пред сѐ, во интерес на повластени поединци, но никако во интерес на граѓанинот, кој всушност ги плаќа да бидат вака бескрупулозно пљачкани.

Замислете до каде е сѐ корумпирано ова општество под оваа власт, штом на граѓанинот за неговиот голем христијански празник му се одзема од устата.

 

Поврзани новости