Во минатото, популарен беше трендот на одење на гости кај наши блиски пријатели, и тоа најчесто се правеше ненајавено.
Сепак, во изминатите неколку години, тој момент се поретко се применува и голем дел од луѓето кои сакаат да се дружат, тоа го прават низ локалите во Македонија.
Причина за ваквата ситуација е повеќекратна, а социологот Татјана Стојаноска Иванова смета дека сиромаштијата е еден од главните фактори за тоа.
„Традицијата во нашето посетување била да се оди на гости и без посебен повод и причина, едноставно на размена на идеи, обичен разговор за секојдневни животни теми и проблеми. Посебно тоа било специфично за соседите и маалските дружења. Имено, кафето и разговорот меѓу соседите во домашна атмосфера било секојдневие. Ситуацијата сега е поинаква, имено, со новите животни текови и предизвици, со современото урбано живеење, со новите работни навики соседското живеење полека , згаснува“ вели Иванова.
Чест случај е и луѓето кои живеат во зграда, да не се познаваат меѓусебно, а новите животни навики си го прават своето.
„Една од тие е работните услови кои денес ги наметнува совремието и се работи до подоцна, а некои работи бараат и активност во домашни услови и со самото тоа нема временска можност за посета и одење на гости. Друга причина е високиот степен на сиромаштија и невработеност.
Истражувањата покажуваат дека посетите се намалуваат, но и слави и други прослави се се поретки во домашни услови токму заради осиромашувањето. Секој домаќин сака да биде добар домаќин и да го почести гостинот, но во ситуација кога нема доволно, нормално е да ги избегнува домашните собирања и затоа и тие личности се поретко одат на посети“, анализира нашата соговорничка.
Токму поради тоа, луѓето се оддалечуваат меѓу себе и го нема тој дух на близина, емоционалност и заедништво.
„Како една од причините е исто така современото комуницирање и масовните медиуми, посебно социјалните мрежи. Како еден вид на замена за интеракцијата е социјалниот медиум и комуникацијата се одвива преку него. Но, ништо не може да го замени личниот контакт и личното комуницирање.
Средбите директни со блиски и драги луѓе се незаменливи, бидејќи дирекно споделуваш информација и емоција. Младите исто така се поретко се дружат во домашни услови и тие забави кои некогаш тинејџерите ги правеле дома се сега реткост. Тие се собираат на некое друго место во некоја кафетерија, но тоа не е исто, слободата што ја дава домашната забава не може ништо да ја надомести“, додава таа.
И покрај ваквиот тренд, Иванова апелира се почесто да се комуницира во живо со нашите најблиски, затоа што на тој начин чувствуваме поголема блискост и односот е поприроден.
„Исто така на детските родендени, кои порано дома се славеле, сега се слават во некоја пицерија и може да се забележи дека нема дружење меѓусебно туку секој со својот мобилен уред. Така се алиенираат-оттуѓуваат меѓу себе и таа поврзаност, детско пријателство, искрено и без интерес е се поретко.
Како социолог сметам дека комуникацијата треба да се одвива лично, дека контактот со блиски и драги луѓе треба да се одржува, бидејќи на тој начин разменувате идеи, мисли размисли, емоции и како што вели една поговорка „„Споделената радост со ближни и драги луѓе е поголема радост, а споделената тага со блиски е помала тага““, го заврши разговорот Иванова.
Фото – На терапија
Јорданчо Цветаноски