Зошто само двајца од 23 кандидати за јавен обвинител добија зелено светло од Советот?

by fokus

Пратениците наскоро ќе треба да одлучат дали на местото на досегашниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, ќе седне Љупчо Јовески, актуелен член на Советот на јавните обвинители. Владата неодамна донесе одлука Јовески да биде нивниот предлог, откако претходно Советот на јавни обвинители позитивно ја оцени неговата кандидатура.

Позитивна оцена доби и професорката Елена Андреевска, професорка од Универзитетот на Југоисточна  Европа во Тетово, а останатите кандидати, на број 21, беа елеминирани уште во стартот.

Во јавноста остана нејасно зошто само двајца од толку многу пријавени кандидати добија зелено светло од Советот на јавни обвинители. На прашање на „Фокус“, ни одговорија дека се гласало согласно деловникот за работа на советот.

-Седум или осум пријави беа некомплетни, а за останатите кандидати се расправаше согласност деловникот за работа на Советот. Кандидатите кои го добија мнозинството од гласовите, добија позитивна оценка, вели Коле Штерјев, претседател на Советот на јавните обвинители.

Нотарката Лорија Ваневска, која е и поранешен адвокат, вели дека Советот требало јавно да излезе и да каже кои кандидати не ги исполнувале условите, а за останатите да ја објави ранг листата од гласањето, за да се биде транспарентно.

-Повеќето кандидати ги исполнувавме условите, а само двајца добија позитивна оцена, што значи дека изборот беше ограничен, не елиминираа уште од старт. Требаше повеќе предлози да се достават до Владата, па тогаш да решат. Исто така,  Советот требаше јавно да ја објави ранг листата па да се види кој за кого гласал. Да се знае кој е реперот, а не вака гласањето се крие, не како државна тајна, туку повеќе би рекла како партиска тајна, вели Ваневска.

Таа му честита на Јовески, меѓутоа посочува дека сепак ќе беше подобро доколку на чело на Републичкото јавно обвинителство застанеше човек од надвор, а не од обвинителството.

-Му честитам на Јовески, тој навистина е стручен, но сепак е човек од внатре, кој молчел сиве овие години. Постојано се прави истата грешка, односно постојано се става човек кој е од обвинителската фела. Треба еднаш да се смени оваа пракса и да се постави човек од адвокатурата, практичар, кој се сретнал и со двете страни, а не ја гледа само едната, истакнува Ваневска.

Дека на чело на обвинителството треба да застане човек од надвор, смета и адвокатот Александар Тортевски, кој исто така достави кандидатура.

-Требаше да биде избран човек од надвор бидејќи тој нема хипотека за се што се случуваше и за нивото во кое е доведено јавното обвинителство. Јовески не требаше да биде избран оти со него се потврдува изреката молчењето е злато, во неговиот случај е дијамант, вели Тортевски.

Владиниот предлог за нов јавен обвинител, Јовески, пак, изјави дека доколку биде избран за наследник на Зврлевски ќе ја смени сликата за Основното јавно обвинителство како партизирана институција.

-Иако за многумина е непознато, во Советот на јавните обвинители, во овие речиси две години откако сум член, гласав спротивно на мнозинството, и на моменти останував сам, или поддржан од уште еден обвинител. Се држев до изреката дека вљубеникот во правото и правдата треба да биде подготвен често да биде и сам. Особено ми е драго што по две години за прашањата за кои имав издвоено и различно мислење од мнозинството во Советот, одлуките се изменија така како што јас тогаш гласав. Особено за незаконското пензионирање на јавните обвинители и незаконските одлуки на Советот за надлежноста по предметите на СЈО“, објаснува тој за „Дојче веле“.

Во моментот додека конкурсот се уште беше отворен, неделникот „Фокус“ објави дека Јовески е главниот фаворит за наследник на Зврлевски.

Тој има долгогодишно искуство во правосудството. Неговата кариера почнува во Секретаријат за правосудство и управа, во областа на извршувањето на санкциите за крвични дела. Четиринаесет години бил судија во Основниот суд Скопје 2, а во еден мандат претседател на Судот. Како јавен обвинител во Јавното обвинителство работел 13 години, пред да стане член на Советот на јавните обвинители.

В.В.

 

Поврзани новости