Зошто на СЈО му се скрати една година од животот?

by fokus

Пишува: Валентина Вурмо

Дали СЈО можеше да се спаси, наместо предвреме да му се стави клуч на врата? Односно, дали некој воопшто се обиде да го одржи во живот, или сепак полесно им беше на сите да го напуштат бродот кој тоне?

СЈО, со шефицата во притвор, де факто е парализирано, но не и де јуре! Односно, ако гледаме реално, СЈО во моментот е со врзани раце, но според законот, синџирот може да се скине. Поточно, според Законот за СЈО, на обвинителството му преостанува уште една година живот, доколку на местото на Јанева се назначи в.д. специјален јавен обвинител, или нова Катица. Но, за второво не може да се очекува разумен компромис од политичките партии, кои мора да се усогласат за еден кандидат, па затоа треба да се оди на можноста за поставување на в.д.

Ова би значело дека заменикот на Јанева ќе се избере од редот на нејзините помошници, кои ќе продолжат да ги застапуваат тековните предмети пред суд. Истрагите и предистрагите, пак, одамна требаше да ги испратат кај обвинителот Љубомир Јовески, откако претходно Јово Вангеловски го прогласи обвинителството за неовластен тужител.

За да се исполнат сите законски предуслови за постаувување на в.д. специјален обвинител потребно е на Јанева да и истече мандатот, што ќе се случи за три дена, или пак, откако ќе биде разрешена, што исто така е во собраниска процедура. Иако Јанева беше изгласана од Собранието, како и републичкиот јавен обвинител, сепак Советот на јавните обвинители можеше да постави нејзин заменик, заобиколувајќи го Собранието. Ваквата пракса беше воспоставена кога Советот на јавните обвинители ја избраа Лилјана Спасовска за в.д., по разрешувањето на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски. Ако можело тогаш, ќе може и сега!

Но, наместо да се разгледа оваа можност, се донесе одлука СЈО да ги предаде сите предмети топтан, а од друга страна, обвинителството не е укинато и ќе продолжи да живее уште една година, но очигледно на апарати, по што и официјално ќе можат да го погребат.

Муабетот е, доколку се одеше на варијантата со в.д. ќе се избегнеше прашањето како сега предвреме да се исклучат апаратите. Ова елегантно можеше да се реши со носење на новиот Закон за јавното обвинителство, но Заев и Мицкоски не успеаја или подобро речено, не сакаа да се испазарат. Очигледно, секој од свои причини.

Можеби поради ваквата правна заврзлама, со воодушевување се прифати идејата на Катица Јанева, да ги спаси предметите, заштитувајќи ги од политичкото цунами, но издржано е и прашањето дали можеше да се направи повеќе?

Поради сите недоречености, правни празнинини и дилеми, своите пет минути во судница нестрпливо ги чекаат адвокатите на злосторничката дружина од ВМРО-ДПМНЕ. Циркусот допрва следува!

Поврзани новости