Зошто Мицкоски има седум пати помал рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ?

by fokus 23:24
23:24

Според најновата анкета на телевизија Телма и МЦМС разликата во рејтингот на партијата ВМРО-ДПМНЕ и рејтингот на нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски е драстична. ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 20,6 отсто, додека Мицкоски има рејтинг од 2,9 отсто. Оттука се наметнува прашањето зошто поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не му ја даваат својата доверба на лидерот на партијата.

Првиот можен одговор е дека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не го сакаат Мицкоски за претседател на нивната партија и дека во партијата владее поделеност. Ова го поткрепува јавно објавената фракција, Демократската фракција во која се Јове Кекеновски и Филип Петровски, како и дел од некогашните „реформатори“.

- Advertisements -

Според Кекеновски, разликата во рејтингот на партијата и на нејзиниот лидер е тоа што Мицкоски нема сила да ги обедини вмровците, како и неговата недоследна политика.

-Разликата е сосема реална и нормална. Мицковски не смогна сили да се дистанцира од поранешната партиска врхушка, не и се извини на јавноста за сторените зла и плус во органите на партијата му поставија луѓе кои беа слуги и извршители на поранешното раководство. Граѓаните го чувствуваат како продолжена рака на Груевски поради начинот на кој е донесен на партиската функција. Тој не може и нема сили да ги обедини вмровците со истиот принцип на работа како и неговиот претходник, поготово што членството не го чувствува за изворен вмровец. Можеби тој интимно сака да се дистанцира, но не е моќен. На овој лош рејтинг придонесува и недоследната политика, распнатоста помеѓу реалноста и фикцијата, помеѓу безидејноста и импровизацијата и немањето храброст да се спротивстави на внатрешните и надворешните притисоци, смета Кекеновски.

Другиот можен одговор зошто поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не му ја даваат довербата на Мицкоски е краткиот период откако тој е на чело на партијата. Имено, Мицкоски на лидерската позиција дојде пред шест месеци, а претходно немаше некоја поголема политичка функција. А, не е лесно да се пополнат чевлите на неговиот доминантен претходник, Никола Груевски, кој имаше поголем рејтинг и од самата партија.

К.С.

 

Поврзани новости