Зошто МИТ ја прекинал соработката со Науновски пред 3 месеци?

by fokus

Тони Науноски, поранешен професор на МИТ Универзитетот и актуелен член на Комисијата за заштита од дискриминација, кој во јавноста се промовираше како политички аналитичар, ги отфрла обвинувањата од сопственичката и директорка на МИТ, Билјана Апостолова, дека е еден од иницијаторите за засилените инспекциски проверки и истражни дејства на Универзитетот бидејќи бил отпуштен поради тоа што додека своевремено во институцијата го прекршувал работниот ред и вознемирувал дел од тогашните соработници.

-Воопшто не сакам да се впуштам на толку ниско ниво на комуникација бидејќи ова за мене е незамислив јавен дискурс. Јас не сум инспектор или обвинител, ниту имам толкава општествена моќ да нарачувам истраги. Ова може да се протолкува само како обид на директорката на МИТ да го дефокусира вниманието токму од истрагата што ја водат државните институции против Универзитетот. Вистинското прашање е дали е точно дека се запишувале турски студенти на факултет што не е акредитиран и нема дозвола за работа, за што реагирала и турската амбасада во земјава – изјави за Фокус Науновски.

Инаку, во решението за престанок на работниот однос на Науноски до кое дојдовме се наведуваат низа причини поради кои МИТ на 14 јуни годинава му изрекол вакво решение без отказен рок, откако претходно 3 дена отсуствувал од работа без да побара дозвола. Меѓу нив се: фрапантно кршење на работниот ред, дисциплината и работните обврски, манифестирање на штетни постапки за дејноста и природата на работата што ја извршува, основани показатели за други дејствија во образовниот процес – недоличност, неморалност…

„Работникот, прекршувајќи ги сите кодекси за морално и етичко однесување како наставник, избран во наставно-научно звање согласно Законот за високо образование и согласно нормите од Договорот за работа, му нанесе непроценлива штета на МИТ, преку нарушување на угледот на Универзитетот, на наставно-научниот кадар и на студентите. Поради ваквото негово однесување, кое влијае на репутацијата на Универзитетот, во моментот и во иднина, МИТ ќе претрпи огромни штети“, стои во решението.

Директорката и сопственичка на МИТ, Апостолова, останува на своите тврдења дека хајката против нејзиниот универзитет започна по нејзините јавни критики на сметка на власта, но, додава таа, тоа коиндицира и со нејзината разделба со Науновски и со актуелниот дополнителен заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов, кои се поставени на јавни функции токму од страна на владејачкото мнозинство во парламентот набрзо по професорувањето на МИТ.

-Секој може да провери дека нема ниту еден турски студент запишан во книгата на редовни и вонредни студенти. МИТ ги исполнува сите услови за работа согласно сите важечки закони, нормативи и стандари. Доколку Одборот за акредитација и евалуција изврши реална проверка на сите универзитети, нашиот ќе биде еден од ретките што ги исполнуваат стандардите за работа. Тоа нема да биде случај со сите други приватни, но и со многу државни универзитети – објаснува таа.

Инаку, таа јавно ги прозва Науновски и Андонов дека токму по нивното напуштање на МИТ, Државниот просветен инспекторат почнал да ја чешла документацијата во Универзитетот, при што, патем речено, ги поништил доцентските звања на дваесетина професори, меѓу кои и изборот на Науновски во доцентско звање во областа Филозофска антроплогија, бидејќи сите членови на рецензентската комисија биле од друга наставно-научна област – Социологија, што е спротивно на Законот за високо образование.

Влатко Стојановски

 

 

Поврзани новости