Зошто изборите не може и не треба да се одржат на 5ти јуни?

by lali

Настрана да го тргнеме кршењето, саботирањето и одовлекувањето на договорот од Пржино, настрана да ги тргнеме сите институционални опструкции, со сите оние што ги знаеме и сите оние што не ги знаеме. Настрана да го тргнеме сè она што Власта прави и дејствува за да не ги исполни условите за фер избори, ама сепак да го истурка нивното одржување, ние како граѓани на Македонија во моментот имаме две „ситни“ работи коишто ако себеси се ставаме во групата на општествено одговорни и совесни граѓани, нема да дозволиме, односно ќе го бојкотираме одржувањто на изборите на 5ти јуни.

Надвор од политичките ставови на партиите и на оние од опозицијата и на оние од власта, во моментот има две значајни работи што изборите ги прават нелегални, односно невозможни да се одржат на 5ти јуни, оваа година. Првата е што има разлика во бројот на гласачи од изборните единици и тој е поголем од 5%, а тоа по себе ги прави незаконски затоа што го крши начелото на еднаквост на гласот, а тоа по автоматизам го крши изборниот закон, а во пошироко и толкувањето на Уставот. Второ, со забраната за јавно објавување на избирачкиот список од ВЕБ страна е кршење на изборниот закон којшто предвидува дека избирачкиот список целосно мора да биде ставен на јавен увид. Овие две работи значат нелегалност на изборите и кршење на изборниот закон доколку тие се одржат на 5ти јуни.

И тука веќе не станува збор за партиска припадност, не станува збор за незамарање со политика, туку веќе станува збор за будење на граѓанска свест со која ќе одлучиме дали сакаме да учествуваме на нелегални избори како што биле досега или ќе сакаме како граѓани на оваа држава, еднаш за секогаш да помогнеме  да се истурка целата оваа работа во правец на градење еден нов целосно демократски, чист и одржлив систем во кој ќе продолжиме да учествуваме и живееме, дали сами или со нашите деца. Следните избори МОРА да бидат нова страница од која законот ќе почне да се почитува и неговото кршење најстрого да се казнува.

Знам, дел од вас ќе кажете дека ваквите ситни кршења на законот се ништо, а тоа мислење е резултат само поради тоа што сите знаеме дека оваа власт досега на повисоки стапки екстремно го кршеше Уставот, доведувајќи не дотука, овие мали прекршувања и „небитни“ закони лесно во нашата перцепција да се избанализираат, да се прескокнат и да не се сметаат како правење нелагалност и нерегуларност, односно лесно да се голтне, прифати и никој да не се занимава со правењето мало зло како ова. Но, сите овие мали нерегуларности ја оформуваат целосната слика од една голема пародија на држава во која моментално живееме и се наоѓаме, пародија од држава која Власта таква ни ја направи. На сите треба да ни биде јасно дека законот МОРА да се почитува затоа што тој е конвенција и договор поради која денес сме цивилизација, а неговото прекршување не заостанува во развојот, правејќи не привитивни и уназадени во свеста.

Дај веќе кренете го гласот против неправдата и против сè она што ве опкружува и за сè она што го сметате како кршење на нашето граѓанско и уставно право. Дајте изборете се да престане праксата на заобиколување на законот, преку разни евитни финти и трикови со коишто го поништуваат неговото значење. Не биде соучесници во тоа. Не чекајте друг да ви ја заврши работата, бидете дел од борбата за една нова, праведна, демократска и достоинствена држава како што Македонија заслужува да биде. На крајот од денот, изборот е ваш, ама фактите веќе не ви дозвулуваат да бидете пасивен гледач на целава оваа ситуација во којашто и вие сакале или не, сте западнати.

Ова нека ви е повод да размислите кои се вашите права, кои се законите и каде сакате да живеете како полноправни граѓани? Одговорноста е само ваша!