Зорица Црношија: Девојката со виножитото

by fokus 12:13
12:13

Новогодишната атмосфера се вгнезди во Скопје Сити Мол. Љубопитно ѕирка од секое ќоше. Снешковци, снегулки, топли бои, насмеани лица и весела атмосфера. Оваа убавина овојпат одлучивме да ја споделиме со една интересна личност, за која Нова година има посебно значење во семејниот круг.

- Advertising -

Ја знаете како топла, секогаш насмеана, ведра и  разиграна.  Нејзиниот стил е впечатлив. Сака убав накит, чевли, шамии, чанти… Но, сака и велосипед и трчање. Сака ред и вистинско виножито во личниот плакар. Вистинска урбана девојка од скопското соседство – Зорица Црношија. Таа е нашето убаво друштво денес во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Крајот на годината за вас е особено значаен. Додека другите прават ревизија на годината што изминува, вие се организирате за роденден. Како ќе ни го опишете последниот ден од годината?

ЦРНОШИЈА: Секоја Нова година кај нас дома е еуфорично, се купува и се приготвува многу храна, се подготвуваат многу реквизити за веселба и целото семејство веќе 10 години по ред ја слави новогодишната ноќ кај нас бидејќи Мате се роди токму на Нова година.

Тој е дете што никогаш ништо не бара, ниту очекува, никогаш за ништо не моли, ниту уценува, а ако му купиме нешто што му се чини скапо, ги нуди своите заштедени пари за да ни надомести. Мате има толку многу човечки квалитети, што сум убедена дека тој благородноста си ја носи во ДНК. Мате е волшебен и несекојдневен примерок на човечкиот род и неговото раѓање го славиме со сите државни почести.

ФОКУС: Каква беше Зорица како дете? Кои беа вашите соништа? Кои беа вашите стравови?

ЦРНОШИЈА: Бев многу просечно дете, без особен интерес за што било и со прилично нејасен концепт што ќе бидам „кога ќе пораснам“, што сакам да правам, како сакам?!? Но, во тој период барем точно знаев што не сакам и можеби тоа ми помогна да испливам по сите непријатности што во тој период ме снајдоа мене и моето семејство.

ФОКУС: Растевте со мајка која несебично се предаде на своите две деца. Колку се пронаоѓате во одредени мигови дека ја отсликувате својата мајка како родител?

ЦРНОШИЈА: Мајка ми и тогаш и сега ги има карактеристиките, манирите и практиките на лицата со високи воени чинови од поранешна ЈНА. Ако мислиш дека се шегувам, прашај кого било од мојата непосредна близина. Растена во цврсто и принципиелно католичко семејство, мајка ми беше строга кон себе, но и кон другите.

Денес знам дека тоа што имав критички настроен родител беше само поттик да докажам дека можам повеќе и подобро. Не нè растеше во илузија дека сме „најубавите принцези на мама“ и тоа ни помогна да живееме будни и свесни за светот околу нас. Ако нешто им пренесувам на моите деца, тоа е таа висока свест за тоа кои се и каде се, за околината, за амбиентот во кој живеат…

Не сакам да ги хендикепирам со тоа што континуирано ќе им го олеснувам секојдневието, за на крај да се тркалаат во животот како грмушки низ пустина до бесконечност замаени од удобноста и комоцијата на родителската закрила.

Муабетот за  семејството го начнавме додека го дегустиравме кафето во Скопје Сити Мол. Одлучивме да го продолжиме додека шетаме низ продавниците, разгледувајќи ги новогодишните опции со попуст.

ФОКУС: Десет години дел од брачната заедница со Трендо, а 16 години во стабилна врска. Два лика кои, иако се многу различни, сепак одлично се спојуваат. Како почна оваа приказна?

ЦРНОШИЈА: Нашата приказна почна прилично скептично и со голема задршка. Од негова страна, нормално. Јас бев убер-ентузијастична дека ние некако фино пасуваме, но Трендо баш и не беше пресреќен со мојата потреба да го опсипувам со толкаво внимание. И ден денес е така, јас му доаѓам упорна како плима со гушкање и бакнежи, а тој се брани со сите можни средства и вели; „Добро, добро, ај сеа оди стај едно кафе!“

Трендо е мојата душа, мојот голем, топол, „дражесен“ човек. Ми го топли срцето и ни го чува семејството. И како да објаснам, а да не биде претенциозно?!? Фала Богу што се омажив за него!

ФОКУС: Кој е лидер, а кој следбеникот кај вас дома?

ЦРНОШИЈА: Јас сум таа што се занимава со микро и со макроменаџмент на домаќинството, децата, училишните обврски, трошоците, организацијата и логистиката околу сенешто. Трендо пазарува, готви и испорачува деца од една до друга локација и, секако, му се важи и придонесот во сферата на забавата, патувањата, уживанциите и креирањето содржини за разонода.

ФОКУС: Мате има 10, Бела 6. Едното влетува во образовниот систем, другото во пубертет. Како Зорица се справува како мајка? Поставувате ли граници или сакате да бидете попустлив родител?

ЦРНОШИЈА: Јас сакам да бидам правичен родител и да не поставувам граници што немаат оправдување само за да демонстрирам авторитет. Сакам да бидам блиска со децата, за во клучните моменти од нивниот живот, да не му се обратат никому друг за совет или за поддршка, туку токму мене.

Сакам да креирам блиски релации со нив, кои се базираат на љубов, разбирање, поддршка, сочувство и пријателство, за да создадам квалитетен фундамент додека се мали и додека односите ни се стабилни, за да се вкотват на мојот брег кога еден ден бродот ќе почне да им се ниша.

За мене е важно децата да ги изложам на што е можно повеќе идеи и концепти, да креираме заеднички спомени и доживувања, да бидеме заедно што е можно подолго и поквалитетно, да ги поттикнувам да истражуваат, да развиваат интерес, самостојно да размислуваат и соодветно да избираат, да знаат да ги артикулираат своите емоции, да ги негуваат своите таленти и да развиваат нови вештини и знаења што ќе им помогнат понатаму во животот. А притоа, дали сум попустлива во дадени ситуации или не – ми е помалку важно.

Скопје Сити Мол е локацијата која Зорица ја доживува како многу блиска. Ова лесно се воочува. Токму и затоа, уживавме во заменетите улоги.

ФОКУС: Што најчесто го задржува вашето внимание кога пребарувате по продавниците во Скопје Сити Мол?

ЦРНОШИЈА: Јас не купувам, ниту се облекувам по прирачник и имам многу кревко базично познавање на модата. Единствено на што се потпирам е мојата внатрешна либела и чувство за тоа како сакам да изгледа она што го носам однатре. По природа сум човек со слободен дух и приемчивост кон нови стилови, а сакам уникатни и автентични парчиња облека, стајлинг што е адаптабилен на различни пригоди во текот на денот.

Постојано сум во потрага по нови модни искуства со широкиот спектар на стилови во Скопје Сити Мол, а мојот фокус е на актуелни, забавни и естетски возбудливи модни примероци, впечатливи модни парчиња што се репрезент на денешното време, уличната мода, што ќе го смират или возбудат стајлингот, ќе придонесат кон некаква рамнотежа или хармонија, ќе поддржат некаква моја акутна потреба, но крајниот производ нема да го направат здодевен.

Ја сакам ноншалантноста, функционалноста, удобноста и моќта на базичната облека, која во комбинација со впечатливи модни додатоци зборуваат за мојот личен стил, за модната смелост и за визуелниот идентитет.

ФОКУС: Сакате ли шопинг?

ЦРНОШИЈА: Јас сум систематски, мегаломански, тенденциозен шопингхоличар. Познавам девојки чија опсесија се чевли, долна облека или чанти, но јас сакам сè. Сакам убав и впечатлив накит, сакам драматичен лак за нокти, сакам шапки, чанти, чевли, убава постелнина, шарени декоративни перничиња, симпатични и функционални тенџериња, сакам убави лажици и виљушки, сакам мебел што има приказна во себе.

Јас сум компулсивен купувач и под голем притисок на ова консумерски ориентирано општество. Тоа најдобро го знаат во Скопје Сити Мол. Добро ме познаваат и вработените во „Јуск“, но и оние во „Манго“, „Зара“, „Страдивариус“, „Бершка“, „Њујоркер“, „Котон“, „Воман сикрет“, „Бата“, но и „Космо“ и „Аксесорис“. Јас сум она што сите брендови го посакуваат „долгогодишен и лојален потрошувач“.

Нејзината страст ја тестиравме низ неколку локации во Скопје Сити Мол. Додека го вршевме тестирањето, се навративме и на некои интересни моменти од нејзината богата кариера.

ФОКУС: Мајчинството како искуство сигурно беше добра подлога за еден интересен телевизиски проект, кој веќе не се емитува. Реакциите за „Кој кого расте“ беа одлични. Не ви е ова некако показател да се изборите повторно за ваков проект на малите екрани?

ЦРНОШИЈА: „Кој кого расте“ беше вреден и квалитетен телевизиски продукт, кој како и претходните мои ТВ деривати ме обележа како личност, но, за жал, не потраја доволно долго за да ги развие сите свои потенцијали.

Работам од мојата 16-годишна возраст и вака-така научив да ги избирам битките што ќе ги бијам. За некои нешта не се доволни ниту волјата, подготвеноста, детерминираноста, ниту знаењето, вештините и способностите. За да се реализираат некои нешта, понекогаш треба да се нагодат планетите таму некаде во вселената.

ФОКУС: Телевизијата претпоставувам ја доживувате како свое место. Барем според вашите реакции во сите ваши проекти. Но, ајде да се вратиме на почетокот. Што паметите од првите моменти на „Екстрас“? Какви емоции буди во вас, вашето телевизиско деби?

ЦРНОШИЈА: Моето телевизиско деби беше во МРТ, во емисијата „Пулсирања“, а следеа „Зимска рекреативна програма“, па „Музика на ТВ“ на А1, „Селект“ и дури потоа „Екстрас“.  Имав голема поддршка од некои тогашни уредници, режисери, продуценти и телевизиски работници, кои беа убедени дека моето место е пред ТВ-камерите. Со тоа уверување живеев долго време, сѐ додека не го открив радиото.

ФОКУС: Покрај телевизијата, се дружевте и со печатените медиуми, но и со радиото. Своите почетоци ги имавте на радио „Уно“. Кој е радискиот лик кому вие му го посветувате своето внимание?

ЦРНОШИЈА: Радиото е предизвик сам за себе. Иако не можам да предвидам во кои насоки ќе се развива како медиум, бидејќи повеќето млади се ориентирани кон други форми на слушање музика и консумирање информации, радиото ми отвори една нова сфера и ме извади надвор од комфорната зона.

Во телевизијата ги имате сите изразни средства, а во радиото го имате само гласот со кој треба да ја регрутирате публиката. И иако јас многу години работам на својот глас, сепак да се биде радиски водител на утринска емисија во живо, за мене беше нова и помалку застрашувачка ситуација. Од сите водители што ги знам и што ги слушам, Ицко на Антена 5 за мене е радиски карактер што би го слушала 24/7.

ФОКУС: Хрватска или Македонија?

ЦРНОШИЈА: Не ме прашувај, не знам од каде да почнам да зборувам. На едното место ми е домот, а на другото ми е душата. Тешко е да се каже, што и да одберам, срцето ќе ме боли за она што неминовно ќе биде втор избор.

ФОКУС: Малку спиете, но секогаш сте полни со енергија. Во исто време, вие сте еден од ретките ликови што храбро проговори за она што го измачува навечер, кога речиси сите спијат. Зошто?  Кај нас обично сите сакаат да бидат идеални, како во бајка.

ЦРНОШИЈА: Со несоници се борам во последниве 10 години, точно од четвртиот месец на бременоста со првото дете. Тоа што сум лишена од сон за мене е дневна доза драма и голем секојдневен предизвик. Несониците се тивка смрт, влијаат врз многу физиолошки процеси, врз целиот метаболизам, психолошки ме истоштуваат и ме прават нервозна, нетрпелива, а понекогаш и на работ од разумот.

Би сакала да ја имам енергијата на наспан човек, некој што може да си дозволи да спие секој ден по минимум 7 часа. Но, ако тргнам од моето уверување дека постои некаков баланс и правдина во универзумот, сигурна сум дека јас со моите несоници плаќам за сите грешки, погрешни и оскудни избори што сум ги направила во животот, за сите озборувања, шеги на туѓа сметка, за сите „мило за драго“ мисли, за сите ситуации во кои некого сум дискриминирала, сум му приредила неповолен третман, сум омаловажила или повредила и за сите неприфатливи коментари или постапки кон кого било.

Ако луѓето се прашуваат дали ми се вратило лошото со лошо, ќе им кажам да, несониците ми ја извадија душата, а другите можат мирно да спијат бидејќи правдата е задоволена.

ФОКУС: Маркетингот е поле каде што успешно „пливате“ еден убав и долг период од вашиот живот. Кои се вештините кои успеавте да ги совладате во оваа професија на иднината?

ЦРНОШИЈА: Убедена сум дека археолозите и историчарите еден ден ќе откријат дека рекламите се најголемата и најверодостојна збирка на рефлексиите на ова време, од сиот расположлив спектар на активности на денешницата.

Ја сакам оваа професија, со голема жар ја работам и денес, ме возбудуваат новите жанровски правила на денешните „домородци“ на дигиталното време, што сакаат да се идентификуваат како кустоси на сопствените содржини и на автохтониот избор, ги следам сите микро и макродвижења во сферата во која работам.

По 16 години поминати во „Публицис“, јасно ми е дека она по што се двоите од останатите во оваа и во сите други професии, е таа страст со која работите, тој автентичен печат што како човек го оставате и таа искреност во пристапот што ве тера и на другите да им дадете исто како што би си дале себеси.

ФОКУС:Како ќе ја паметите 2016 и кои се очекувањата за 2017?

ЦРНОШИЈА: Ова беше убава, пријатна и добро наклонета година кон мене и кон моето семејство. Би сакала уште една ваква.

Со убавите желби, само ја ставивме на пауза нашата прошетка во Скопје Сити Мол. Ја очекуваат посебно важни мигови. Па, токму затоа и оставивме простор за љубопитност, но и интима во купувањето во Скопје Сити Мол. Следна средба… Да, наскоро.

Поврзани новости