Зоран Ванев, доктор и музичар: Лесно се носат две лубеници под мишка, кога си трудољубив

by fokus

Зоран Ванев, штипјанецот кој пред повеќе од две децении ја започна својата музичка кариера, а веќе неколку години наназад е и успешен доктор по природна медицина кој има своја клинка во Цирих, Швајцарија, вели дека кога се работи со љубов и посветеност, се е можно.

Околу тоа како балансира помеѓу двете професии, бидејќи покрај работата во клиниката е и еден од најбараните пејачи кај нашата дијаспора, посебно во Австралија, раскажува дека ја имал среќата во животот да се пронајде дури во две области, во кои му тргнало.

-Неодамна имав повеќе концерти во Австралија, снимките раскажуваат доволно како си помина публиката. Народ од сите Балкански земји, се пееја песните во еден глас. Благодарен сум што публиката ме сака и сите овие години не се откажува од мене. Токму поради тоа решив да снимам нови материјали, но не се брзам, ги чекам вистинските песни. Во преговори сум со повеќе автори, не сакам да снимам само колку да се бројат нумерите, туку барам дела кои што ќе останат, ќе се пејат со децении – вели Ванев, кој уште како младо момче го сврте вниманието на јавноста со песната ,,Ангела” која и денес е неизоставна на многу забави и се врти по радио станиците.

Сепак, и покрај големата љубов кон музиката и редовните покани за настапи, тој раскажува дека во овој период во животот, многу повеќе е посветен на медицината, а успешно излекуваните пациенти од сите краеви на светот му биле мотив плус да се усовршува и да работи со голем елан.

-Ме радува кога луѓе кои имале голема мака и затропале на мојата врата, на крај од терапијата си одат дома задоволни и нивните здравствени проблеми се минато. Такви случаеви во изминатите години имам многу. Токму поради тоа и акцентот повеќе го ставив на медицината, таа е мојот приоритет, но сепак, пеењето исто така продолжува да биде дел од мојот живот. Затоа и планирам еден вид на кам – бек, со нови песни, како благодарност на моите фанови за поддршката, за сите љубители на мојот глас и на моите песни кои живеат со години. Трпеливо чекам да ,,кликнат” новите песни, и влегувам во студио. Кога се има љубов кон нешто, кога се работи трудољубиво, да, може да се носат и две лубеници под мишка – ни изјави Ванев.

Неговата клиника во Цирих се наоѓала на самата железничка станица Шлирен. Дипломирал на Парацелсус Академијата за Алтернативна медицина во Цирих, и бил првиот Македонец во Швајцарија кој ја има титулата Доктор за природна медицина, призната во целиот свет, како и во сите установи на државно ниво во Швајцарија.
Се занимавал со лекување на сите врсти на болести, без ограничување.

-Има болести за кои според швајцарскиот закон мора да сум во комуникација со лекари специјалисти од школската медицина, како на пример оперативни интервенции или инфекциски заболувања, има болести за кој имам потполна ингеренција. Што значи дека мора да се запазат сите принципи на законска регулатива за да крајниот ефект биде неприкосновен – ни раскажа штипјанецот, додавајќи дека е задоволен што во неговата клиника доаѓаат пациенти од целиот свет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости