Зоран Ристевски: Забавата е мојата работа!

by Фокус 10:26
10:26

City MallНекои луѓе ги доживуваме како урбани легенди. Тој е токму тоа. Урбан лик од срцето на Скопје. Секогаш позитивен, расположен за дружење и за добра музика. Успешен радио и телевизиски лик, а најпрепознатлив како диџеј со најспецифичната денс-музика.

Динамичен астролошки припадник на Јарците, кој плански ја реализира секоја своја минута време. Зоран Ристевски или Зоки Бејбе или Зоки Поплава, или едноставно човекот со непресушна енергија и позитивно расположение е нашиот избор за дружење, овојпат во Скопје Сити Мол.zoki bejbe 02ФОКУС: Зоки Бејбе стана Зоран Ристевски повторно. Зошто?

- Advertisements -

РИСТЕВСКИ: Да, на Фејсбук, бидејќи оваа социјална мрежа побара да го потврдам вистинскиот идентитет. Зоран, Зоки Поплава, Фрики, секој си имал или има свој дел од моето постоење. Зоки Бејбе го сметам за мое вистинско име, толку.

zoki bejbe 03Застанавме во кафулето „Тренд“, релаксирано пловејќи во  времето кога тој ја почнуваше својата кариера. Почетокот на неговиот радиоизраз се случи во 1991 година на првата приватна радиостаница, Канал 4. Оттогаш промени неколку радија, но остана константен во својот препознатлив израз, во кој внимателно го негува македонскиот јазик, иако повремено сака да го накити и со по некој сленг.

ФОКУС: 1990-тите се години кога почнавте професионално да се обликувате. Стартувавте со радио и долго ѝ бевте верен на оваа професионална врска. Канал 103, Канал 4, Прва програма на македонското радио, Сити радио и Клуб ФМ. Што ве извлече од радиофреквенциите?

РИСТЕВСКИ: Канал 4 беше моето прво искуство, потоа Канал 103 и двете  години од моите почетоци на ова алтернативно радио ми го проширија видикот. Како светот да сум го гледал претходно низ огромен прозорец, но, сепак, хоризонтот гледан на плажа е вистинско доживување.

Потоа следеа радија, меѓу кои најдолго се задржав на Клуб ФМ. Како радиоводител бев иноватор и правев сѐ, моите 60 или 120 минути да бидат недостижни за имитација. За среќа, денес слушам дека биле инспирација за квалитетни радиопрограми или можеби една програма.

Горд сум на секоја минута помината во етерот. Кога некој би посакал да ме има на радио, ќе мора да биде подготвен да ги следи највисоките стандарди и да биде подготвен на моите визионерски идеи, поинаку не би се симнал од мојот лонгборд за да влезам во студио. Денес ми се допаѓа моќта на Канал 103, а очекувам многу од новото радио Стрит ФМ, кои имаат навистина добар старт.

ФОКУС: „Поплава“ со две премиери на А1 неделно, Ви донесе своевремено препознатливост. Во тој период, иако самите си го присвоивте псевдонимот Бејбе од свои лични причини, публиката Ве препознаваше како Зоки Поплава. На што најмногу застануваат сеќавањата од тој период за Вас?

РИСТЕВСКИ: Поплава беше емисија со која во 10 години со паузи во серијалите ги остварив сите мои соништа за тоа што сакам да правам на ТВ. Последните емисии беа за Амстердам, Берлин и концертот на „Орбитал“ во Солун, во 2000 година. Сфатив дека  веќе не можам да ја работам со милост на телевизијата во која работев, а не бев моќен или не сакав да ја претворам во Поплава продукција. Ќе направев многу пари, но ќе требаше да влезам во бизнис-светот, кој искрено не е мој свет.zoki bejbe 04Нашата прошетка низ времето ја надополнивме со прошетка низ Скопје Сити Мол по продавниците што се најблиски до неговиот моден израз.

ФОКУС: Дали „Менада“ во 1996 ви го трасираше на некој начин вашиот пат како диџеј. Таму почнавте да пуштате музика. Каква музика слушаше Зоки во тоа време? Се промени ли вашиот музички вкус со годините?

РИСТЕВСКИ: Јас сум хаус диџеј, иако сум еклектик, и во мојот сет има различни жанрови на електроника. „Менада“ е првиот вистински долготраен техно-клуб. Среќен сум што следната година, цели 20 години без престан работам и живеам од мојата најголема љубов, музиката. Денес предизвиците се поголеми, тогаш скопјани беа гладни за нова музика. Денес имаме мисија, градските деца да ги задржиме да останат градски. Мислам дека сум јасен.

ФОКУС: Во Амстердам на журка сте пуштале и македонска музика. Како реагираше публиката? Како ја прифатија?

РИСТЕВСКИ: Тоа беше мојот втор настап во Амстердам, во легендарниот европски клуб „Парадисо“. Одбрав мојот сет да биде составен исклучиво од музика направена од македонски продуценти. Тоа беше незаборавно искуство, кое заврши со пеењето на мојата другарка Тамара Тодевска, додека на подиумот танцуваше Катарина Ивановска. Ако требаше да го добијат најдоброто од нашава земја, го имаа таа ноќ (се смее на глас). Многу мои пријатели што живеат во Холандија беа пред мене во микс со супер кул Холанѓани.

ФОКУС: Њујорк или Амстердам?

РИСТЕВСКИ: Берлин!

ФОКУС: Кога веќе ја наметнавме оваа дилема, не добивте ли желба да си заминете од Скопје?

РИСТЕВСКИ: Да, сонував да заминам од Скопје и за утеха правев сѐ што би правел таму некаде, овде. Така создадов мој или наш свет. Во овој свет денес гледам којзнае која по ред генерација прекрасни млади луѓе, кои ја сакаат мојата музика и кои се инспиративни.

Тие се моите херои, тие во своите најмоќни години за бегство се овде, во Скопје и прават градот да изгледа светски во невозможни услови, кога вредностите, културата и стандардот се во тиња. За тие нови деца, јас морам да сум тука и ним да им ја направам младоста светска, а не провинциска, третосветска и мизерна.

Кога ги гледам пред мене, Скопје за мене е светски град, не полош од кој било друг. Пуштам музика и надвор од земјава, и сфатив дека сум вистински добар и за публика која нема никакво претходно знаење за мене, реакциите се еуфорични. Тоа е доволно да знам дека ова што го правам овде е вистинско и квалитетно. Доволно е.zoki bejbe 05Зоки секогаш изгледа модерно. Токму и затоа му оставивме слобода во продавниците на Скопје сити мол да го одбере она што смета дека најдобро ќе го комбинира по свое. Задолжително со неговиот лонгборд, кој стана препознатлив по него на скопскиот асфалт.

ФОКУС: Порано ве препознаваа по вашиот велосипед. Но, веќе подолго време, лонгбордот стана дел од вашиот имиџ. Зошто не ролери или на пример скирол?

РИСТЕВСКИ: Сѐ уште возам велосипед, но лонгбордот е моја љубов. Си леткам, сурфам, си лебдам. Зар има поубаво од тоа?

ФОКУС: Кога доаѓа време за одлуки, музика или облека, што добива повеќе поени на приоритетната листа?

РИСТЕВСКИ: Облека купувам по потреба. За плочи имам јадено шпагети секој ден, бидејќи купував по дваесетина одеднаш повеќепати неделно (се смее).

ФОКУС:  Како би го опишале идеалниот одмор?

РИСТЕВСКИ: Плажа и море, пливање и спиење.zoki bejbe 08ФОКУС: Зоки важи за лик кој секогаш има голем круг пријатели. Со некои споделува мода, со некои храна, со некои дружба. Со кого ги споделувате емоциите?

РИСТЕВСКИ: Јас и кога кажувам едно здраво на улица, го кажувам со емоција. Моите состојби ги споделувам со неколку блиски пријатели. Низ годините, кругот на најблиски ми се дефинира, па среќен сум што ги имам моите Боте, Тамара, Кики, Ида, Вишко, Јасмина, Нено.

ФОКУС: Има ли простор за добра забава во Македонија?

РИСТЕВСКИ: Секако дека има. Клубот Сектор каде што сум резидент 10 години е светски клуб и гордост на Македонија. Но, и сцената расте и се развива со одлични забави во Капан ан, МКЦ, Станица 26, Минус 1 и секако Менада и Дамар во Чаршија.

ФОКУС: За крај, кој е омилениот рецепт за забава што го применувате кога имате слободно време?

РИСТЕВСКИ: Кога имам слободно време, не се забавувам, туку забавно се досадувам. Забавувањето е мојата работа. Јас и кога не пуштам музика, не пропуштам да бидам дел од интересните клупски или културни настани во Скопје. Скопје е мал град, затоа го сакам. Не морам да  мислам дали да излезам или да седам дома.zoki bejbe 06Со насмевка го заокруживме дружењето со насмеаниот Зоки во Скопје сити мол. Тој е човек што сѐ што прави, го прави со комплетно уживање. Па, дури и оброкот, кој знае да си го приготви по дома, го прави за да измами насмевка и воздишка пред да биде дегустиран. Со прегратка се разделивме, очекувајќи ги неговите нови забави, додека тој отпатува со неговиот лонгборд во потрага по нови локации.zoki bejbe 07

Поврзани новости