Зоран Џорлев починал држејќи фотографија од семејството во раце

by fokus 13:49
13:49

Лошата вест на првиот ден од новата година, за смртта на виртуозот на виолина Зоран Џорлев, ја трогна јавноста.
Со популарниот професор и виолинист, кој почина пред својот 53-ти роденден, од последици од корона вирус, се простуваат неговите блиски роднини и пријатели, но и почитувачи на неговото дело од целиот регион.

Зоран зад себе ја остави сопругата Офелија и синовите Наско и Мартин, а беше погребан денес во 12 часот на гробиштата во Горно Лисиче.

- Advertisements -

Неговиот син Наско со емотивна објава се прости од својот татко, откривајќи дека последниот здив го испуштил држејќи во рацете фотографија од семејството, која му ја испратиле заедно со еден Дедо Мраз, како подарок за новата година.

-Оваа слика е последната наша заедничка, кога ја редевме елката. Му ја испративме заедно со еден Дедо Мраз како поклонче за нова година. Последниот здив го има испуштено држејќи ја.
Зоран Џорлев – сопруг, татко, брат, другариште, човечиште, маестро…
Те сакаме, немаш поим колку ќе ни фалиш, засекогаш и повеќе!-порача младиот Џорлев.

Во емотивна објава, тој вели дека му се откинало парче од душата и потсетува колку голем човек беше неговиот татко.

-Вчерашниот ден, беше најтажниот ден што се има случено на мене и на моето семејство. На вчерашниот ден сфатив дека животот е толку суров и до крај ќе остане исполнет со тага, на местото каде што ми се откина дел од душата.
Моето семејство и светов изгуби еден од најдобрите луѓе кои постоеле и ќе постојат.

Полн со живот, позитива и безрезервна љубов за сите во неговиот живот. Имаше многу планови за што понатаму, никогаш не се откажуваше, неговиот оган гореше силно до крај. Во плановите не имаше вклучено мене и брат ми секогаш, таман дури почнавме и да свириме заедно поредовно. За секој имаше време да посвети внимание, секогаш сакаше да помогне, без разлика колку и да беше близок, се додека му треба помош. За секој имаше љубов и разбирање, и се правеше од срце и на чесен начин на кој повеќето луѓе не можат ни да замислат.

Другар, искрен и добар, народен човек, мојот херој. Мојот татко, мојот прв пријател, моето се. Се што имам е од татко ми, се што сакам и правам денес е поради татко ми, се ми имаш пружено. Се што ќе продолжам да правам е ЗА ТАТКО МИ. Фала ти тато за се, тато е најдобар тато, душичке наша!
За него, славете го неговото име и паметете го засекогаш, а плачете го вчерашниот ден!-напиша Наско Џорлев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости