ЗНМ: Неовластено преземање на авторски фотографии е кривично дело

by Fokus

Во насока на подобрување и заштита на авторските права на фоторепортерите, претставници на ЗНМ и членовите на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ одржаа работен состанок со обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.

,,Зголемениот тренд на кражба на фотографии и грубо кршење на авторското право на фоторепортерите  од страна на некои медиуми но и други комерцијални субјекти во земјава претставува голем проблем и затоа мораме во иднина заедно да работиме за да се искорени оваа пракса”, истакна Петр Стојановски, претставник на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ.

На состанокот во ОЈО, беа дискутирани и правосилни пресуди за прекршување на авторското право за кои во минатото обвинителството преземало дејствија по службена должност. Претставниците на ЗНМ укажаа дека е важно во иднина ОЈО да има проактивен однос во заштита на авторското право на медиумските работници

,,Авторското право се смета за едно од најважните права во остварувањето на професионалната должност на новинарите и генерално на медиумските работници, кои преку својата работа креираат содржини без разлика дали станува збор за авторски фотографии, видеа или текст. Токму поради тоа, новинарите, како и фоторепортерите и снимателите, треба да бидат препознаени како автори на содржината што ја креираат а доколку овие права се прекршени сторителите потребно е да одговараат”, потенцираше Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

Поврзани новости