ЗНМ најавува можен протест: Државата се обидува да ја одбие тужбата на новинарите за 27 април

by Фокус

Здружението на новинарите на денешното редовно годишно собрание усвои декларација со која се бара престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници во земјава. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски најави и протестен марш ако продолжи игнорантскиот однос на државата, но и ако останат нерешени сите други напади врз новинарите.

-Државата потфрли во случајот со нападнатите новинари на 27 април 2017. Десетици колеги беа брутално нападнати, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги, што е недозволиво – рече Чадиковски.

Во декларацијата од Министерството за правда се бараaт интервенции во Кривичниот законик, преку кои ќе се даде дополнително овластување на Јавното обвинителство по службена должност да постапува во одредени ситуации кога е повредено правото на новинарот за време на службена задача, како и предвидување на повисоки казни за престапниците.

-Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите – вели Чадиковски.

Поврзани новости