ЗНМ го осуди нападот врз новинарот Божидар Барлакоски

by fokus

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осуди вчерашните закани против новинарот на „Плусинфо“ Божидар Барлакоски што ги упатиле членови на здружението „Пере Тошев“ од Прилеп, а кои се обиделе физички да го нападнат.

Новинарот Барлакоски, кој исто така е од Прилеп, вчера попладне во центарот на Скопје бил пресретнат од членови на здружението и без никаков повод вербално го навредиле со погрдни зборови, „копиле  предавничко“, а потоа се обиделе физички да се пресметат со него.

„Ваков напад, кога насилници во центарот на главниот град се дрзнуваат  да бркаат новинар со намера да го претепаат, сведочи за загрижувачката ескалација на насилство против новинарите. Хајката на која се изложени новинарите во последните месеци е последица на воинствениот речник што го користат претставниците на досегашата власт и нивни блиски јавни личности и медиуми. Вештачката поделба на медиумите на патриоти и предавници ги претвора новинарите во топовско месо во пресметката на партиите“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

ЗНМ ја повикува полицијата да ги открие сторителите на вчерашниот инцидент и најостро да ги казни. Потсетува дека државните институции имаат обврска да овозможат безбедни услови за работа на новинарите.

Секое занемарување на насилството против новинарите, вели ЗНМ, претставува смислен напад врз слободата на говорот и безбедноста на новинарите со цел нивно замолчување.

Поврзани новости