ЗНМ: Дисциплинска казна и кривично гонење на актерот Тони Михајловски

by fokus 18:37
18:37

Здружението на новинари на Македонија денеска поднесе барање за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против актерот и уметнички директор на Македонскиот народен театар, Тони Михајловски, поради заканите изречени кон познатиот новинар и колумнист Бранко Тричковски.

Михајловски неодамна на својот Фејсбук профил напиша: „Би можел да го убијам Бранко Тричковски и око нема да ми трепне“.

Од ЗНМ сметаат дека Михајловски со тоа ги повредил членовите 144 и 394 од Кривичниот законик за што се предвидени казни од една до пет години, односно од три месци до три години.

„Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски. Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите“, изјавија од ЗНМ.

Воедно, тие ќе побараат од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и дисциплински да го казни Михајловски поради неговите контроверзни ставови бидејќи како човек од културата што го следат голем број приврзаници на социјалните мрежи создава лош имиџ за оваа област.

Поврзани новости