ЗНМ бара Општина Аеродром да го повлече конкурсот за награди за новинари

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на јавниот повик на Општина Аеродром за новинарски натпревар со кој општината на наградените новинари/медиуми ќе додели три награди во вкупна вредност од 180.000 денари и бара повикот да биде повлечен.

Со огласот се повикуваат активни новинари и медиумски куќи да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.

-Ваквата пракса преку која општината парично наградува новинари може погрешно да биде толкувана во јавноста дека преставува поткуп со јавни пари да се влијае на медиумски содржини поврзани со работата на Општина Аеродром. Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес. Потсетуваме дека новинарите и медиумите имаат единствена нужност од транспарентна и отворена комуникација од сите институции на локално ниво како основен принцип во полза на интересот на јавноста. Следствено на тоа, мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините преставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена, велат од ЗНМ.

Поврзани новости