Знаеме зошто цели семејства, меѓу кои и моето се на советнички листи, да играме чесно и без лажен морал!

by Fokus

Нема потреба од замајување на јавноста и нечесност, вистината е таа, сопругата и децата ги ставив на советничката листа, бидејќи тоа е редовна практика на помалите партии. Јасно е дека речиси сите помали партии од внатрешноста го прават тоа за да потполнат број и да ги исполнат условите за формирање на советничка листа, а не поради верување дека сите предложени кандидати ќе влезат во Советот – за ,,Фокус” раскажува Сашо Николов, носител на листата на ТМРО во Неготино.

Тој не крие дека и во минатото на неговата листа се најдоа членови на неговото семејство, односно сопругата, ќерката и синот. Смета дека е нечесно кога носители на листи од други партии тврдат дека имаат кандидати кои се членови на иста фамилија бидејќи се темелно посветени на партијата и на идеологијата, затоа што народот сепак ја знае вистината.

-Според бројот на жители на секоја општина се одредува и бројот на кандидати за советници. При тоа, мора да се внимава и на родовата еднаквост. Дури и поголемите партии се соочуваат со недостиг на кандидати, за првите десет кои се предложени можеби е полесно да се најдат, бидејќи имаат поголеми шанси за влез во Совет, но останатите и самите се свесни дека се предложени за да потполнат број. Ги гледам листите и на големите партии, и на нив последните кандидати се нови лица, би рекол партиски неискусни. Тоа е вистина која сите ја знаеме, и не гледам причина нештата да ги опишувам поинаку, туку кажувам како што е – вели Николов.

Додава дека сепак, членовите на неговото семејство кои се на листата, му се еден вид на амајлија и се надева дека ќе му донесат среќа да влезе во Советот.

-Имам добра програма, бидејќи ги знам проблемите со кои се соочуваат моите сограѓани. Од малите партии можеби не може да се очекуваат партиски вработувања, но затоа пак може да се очекува борбеност за подобар живот. Првото нешто кое му е неопходно на Неготино, тоа е да се исправи грешката, односно изигрувањето со кое се соочија граѓаните, кои собраа потписи за Референдум против изградба на депонија и влез на загадувачки индустрии во општината, а истиот не беше распишан. Референдумот, и еднаш за секогаш ставање на крај на темата со загадувачи ќе биде мојата прва должност. Планирам отворање на канцеларија каде граѓаните ќе можат да се обратат за секое прашање, да учествуваат во градењето на подобар живот со свои идеи и предлози, да ги кажат проблемите и недостатоците за кои мора да се реагира. Имам повеќе точки во програмата, не се изоставени и бизнис интересите на приватниот сектор, како и секој сегмент од нашето живеење на кој му треба напредок – појаснува Николов, кој е магистар по правни науки, а во минатото беше член на Совет на Општина Неготино, како и претседател на Советот од 2010 до 2013 година.

-Факт е дека луѓето на некој начин бегаат од независните советнички листи или пак од листите на малите партии. И сите кои се нафатиле да бидат дел од нив се чесни луѓе, кои не очекуваат ништо за возврат, што не е случај со листите на поголемите партии. Од таму, за волја на вистината, секогаш се очекува некое партиско вработување. Јас не сум човек кој би заобиколувал, си ја кажувам вистината, која на сите им е јасна, ама некако полесно е да се премолчи. Нема место за лажен морал, само со чесност и отворен пристап може да се очекува било каков напредок – ни изјави Николов.

Тој упати јавен повик до сите носители на советнички листи од Неготино, да излезат на заедничка ТВ дебата, каде ќе можат да ги презентираат своите програми и ставови, со цел народот да добие појасна слика за она што му се нуди и да избере правилно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости