„Змиско око“ ослепе, обвинетите 12 години чекаат правда

by fokus

Веќе 12 години им се суди на седумдесетина обвинети во случајот „Змиско око“, и никако да се пресуди дали се виновни или не. Од нивното апсење во 2007 година, па се до денес, за овој случај нема правосилна пресуда.

Во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето требаше да почне од почеток по трет пат. Но, веќе три години судењето не стартува, односно никако да се оддржи првото рочиште, а не да се стигне до пресуда. Овој предмет сега е во рацете на судијата Владимир Туфегџиќ, а од Кривичниот суд велат дека досегашните одложувања не биле по вина на судот.

-Во однос на досега закажаните претреси кои биле одлогани во ниту 
еден случај причината за одлагање не била во судот. Само еден 
претрес е одложен заради отсуство на обвинителот, а останатите од причина 
што дел од обвинетите побарале да им бидат одредени бранители по 
службена должност, во текот на постапката дел од обвинетите немале 
уредна достава, а во меѓувреме заради ефикасно водење на постапката 
побарано е и спојување на други предмети за обвинети кои се судат во 
раздвоени постапки за истиот кривично правен настан, ни одговорија од Кривичниот суд.

Сепак и наредното рочиште закажано на 27 март нема да се оддржи и е презакажано за 6 мај, бидејќи предметот се наоѓа на вештачење во Бирото за судско вештачење.

-Заради ефикасно и успешно водење на оваа кривична постапка судот издаде 
наредба за материјално – финансово вештачење, согласно напатствијата на 
Апелациониот суд, со цел да се утврди  видот и висината на евентуалната 
штета, а од кое вештачење во многу зависи понатамошниот тек на оваа 
постапка, велат од Судот.

Според обвинетите, дадена е наредба да се направи вештачење со кое би се утврдила штетата која ја предизвикал секој обвинет поединечно.

-Јас сум работел на патарината во Гостивар. Нека докажат дали јас сум крадел или не. Не ме интересира за тој што бил на патарината Велес. Не може сите да одговараме за некаква вкупна штета, туку секој да одговара за тоа што го направил, или да биде ослободен доколку се докаже дека е невин, вели еден од обвинетите.

Изминатава деценија овие луѓе се во постојано исчекување. Како што дознаваме, дел од нив веќе подолг период се на работа во странство, бидејќи тука не можеле да преживеат. Додека траеше судењето беа распоредени на други работни места, со што им се намалија и платите.

-Покрај судската неправда, бевме деградирани и на работа, па без да ја почитуваат презумпцијата на невиност, незаконски не распоредија на пониски работни места, велат нашите соговорници.

Двајца од обвинетите пак никогаш нема да можат да ја докажат својата невиност, бидејќи починаа пред да ја дочекаат правосилната пресуда.

-Ние бараме да ни судат и да се докаже кој е виновен, а кој не. Ни одзедоа 12 години од животот. Не апсеа како најголеми криминалци, лежевме повеќе од година дена во притвор, и сега со години чекаме, а и ние веќе не знаеме што точно чекаме, велат револтирано дел од обвинетите.

„Спектакуларното“ апсење на овие луѓе, со специјалци вооружени до заби, почна на 18 ноември 2007 година и траеше неколку дена, а тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пред јавноста гордо истакна дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција досега. Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.

Дека помпезно најавуваниот случај ќе се претвори во дебакл, се виде при донесувањето на првата, првостепена пресуда, на 28 ноември 2008 година. Иако се очекуваше пресудата да го оправда театарот за „најголемиот корупциски случај“, сепак тоа не се случи. Падна обвинувањето дека инкасаторите и контролорите функционирале како организирана злосторничка група, па беа осудени само за злоупотреба на службената положба. Највисоката досудена казна беше четири години затвор за двајца од обвинетите, една тригодишна казна, осуммина добија по две години затвор, повеќето добија условна казна од две години, а тројца беа ослободени од вина.

И во втората пресуда досудените казни беа речиси идентични како и во претходната. Највисоката казна повторно е четири години, двајца од обвинетите се осудени на три години затвор, седум казни од две години и четири месеци, а останатите условни од по две години.

Но и оваа пресуда издишува како балон по одлуката на Апелациониот суд, донесена на 21 март 2016 година, да ја укине и да го врати случајот на повторно одлучување.

Забелешките на второстепениот суд во голем дел се повторуваат, поради што сега Кривичниот суд има трета шанса да го докаже обвинението и да донесе осудителна пресуда или да донесе ослободителна пресуда. Не се исклучува ниту можноста самата обвинителка, Вилма Русковска, да го повлече обвинението.

Валентина Вурмо

Поврзани новости