Злоупотреби преку семејно гласање во Кочани, поткуп на гласачи со прехрамбени производи во Шуто Оризари, можно контролирано гласање во Виница

by fokus 14:07
14:07

Вториот извештај на МОСТ за текот на гласањето до 12 часот носи нови изборни нерегуларности на повеќе места низ Републиката. Најевидентен пример на нарушување на гласачкото право е забележан во општина Кочани каде се регистрирани три случаи на семејно гласање и злоупотреба на шест гласови. Избирачкиот одбор на гласачкото место не реагирал, велат од МОСТ.

Во Шуто Оризари набљудувачите на МОСТ забележале дека партиски активисти од повеќе партии делеле прехрамбени производи и лепеле пропаганден материјал со што е прекршен изборниот молк.

Во Виница десет лица откако гласале пред гласачките кутии ги отворале гласачките ливчиња зашто, наводно, не знаеле во која кутија да ги стават, но со тоа јасно можело да се види за кого гласале.

- Advertising -

Во Кичево се приметени неколку лица пред гласачкото место кои агитирале за политичка партија. Во Прилеп дошло до вербална расправија меѓу партиски активисти, по што реагирала полицијата.

Фотографирани се ливчиња во Струмица и во Чаир, по што избирачкиот одбор ги прогласил за неважечки.

Во Аеродром на едно гласачко место дошло до прекин на гласањето од 30 минути затоа што гласачот ги ставил двете ливчиња за избор на градоначлник и советници во иста кутија. Жител на оваа општина не може да си го оствари правото на глас затоа што предвреме бил испрскан со спреј на гласачко место каде не фигурирал на избирачкиот список. Подоцна на правото гласачко место не му дозволиле да гласа.

Во Прилеп гласач не можел да гласа затоа што во избирачкиот список имало потпис на негово место. Избирачкиот одбор увидел дека друг гласач се потпишал на негово место, но не направил записник за тоа.

На едно гласачко место во Ѓорче Петров дошло до прекин на гласањето од еден час и 45 мин откако во кочанот со гласачки ливчиња за градоначалник имало ливчиња за советници. Гласачките кутии на ова место денеска ќе бидат отворени за онолку време колку што траел прекинот.

 

Поврзани новости