Зијадин Села одреден период ќе се лекува во странство

by fokus

Пратеникот Зијадин Села одреден период ќе биде надвор од државата, бидејќи ќе прави дополнителни испитувања на неговата здравствена состојба, објави на неговиот Фејсбук профил Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.

„Потребно е да се реализираат некои комплементарни испитувања во врска со неговата здравствена состојба. Тој е во состојба на стабилизација на виталните параметри и сега треба конечна рехабилитација за да се врати брзо во политички активности“, пишува Таравари.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците кој беше насилнички претепан и влечен по ходникот на Собранието, неодамна беше пуштен на домашно лекување, откако лекарскиот тим проценил дека неговата здравствена состојба се подобрила.

Пратеникот имаше многу тешки повреди на главата, фрактура и повреда на мозочно ткиво.

Села беше еден од најповредените пратеници во македонското Собрание на „крвавиот четврток“ кога толпа народ предводен од насилници со фантомки слободно беа пуштени од полицијата да влезат во Законодавниот дом, каде за влакно се спасија пратениците и новинарите, чиј живот висеше на конец.

Според објавените снимки, по нив се удираше со сталаци, камери, железа, а повеќето пратеници од СДСМ, на чело со лидерот Зоран Заев се здобија со тешки телесни повреди и завршија на скопскиот Ургентен центар каде им беше пружена прва помош.

Телевизијата АлсатМ објави ексклузивна снимка од тоа како бил малтретиран и влечен Села по собраниските ходници, а објавија и сведочење на еден од собраниското обезбедување кој ја објасни целата голгота што ја поминал пратеникот, додека се прашувал дали жив ќе излезе од Законодавниот дом.

Поврзани новости