Зибери: Платформата им даде алиби за спас на Груевски и Иванов

by fokus

Партиите на Албанците на погрешен начин ја потпишаа и на погрешен начин ја презентираа платформата, а со тоа им даде алиби на претседателот Ѓорѓе Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат, вели поранешниот пратеник Насер Зибери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

На прашањето дали политичката криза може да прерасне во етничка, Зибери вели:

-Да, дефинитивно мислам дека политичкиот естаблишмент игра на една опасна карта, да искористи евентуален меѓуетнички конфликт за покривање на својот политички резултат кој досега го имаа. Сметајќи дека тоа ќе ги амнестира за направеното, односно ненаправеното, бидејќи во вакви матни ситуации, каде што веќе престануваат да функционираат институциите на системот и да важи уставно-правниот поредок, тогаш излезот од кризата се бара само со политички средства, а не по словото на Уставот и правниот поредок во земјата. Во тој случај мислам дека сметаат дека тоа би било излезно решение од ситуацијата во која се наоѓаат. Се разбира дека тоа е една многу опасна игра, бидејќи внесувањето тензија на меѓуетнички план, само по себе, продуцира нестабилност, со можности за безбедносни реперкусии за земјата, а тоа се разбира не оди во прилог на ниту една политика партија и на ниту една етничка заедница, ниту на целата држава.

За тоа пак дали Али Ахмети игра на двете страни, вели:

-Мислам дека ДУИ и Али Ахмети постојано се дел од проблемот. Не можеа да се одлепат од структурата која создава проблеми и понатака мислам дека со ваквите изјави само создаваат конфузија и даваат надеж на тие што се надвор од парламентарното мнозинство да притискаат и понатаму со протести и со ваква тензична атмосфера за да се постигне некоја цел, а таа цел би била седнување на преговори за наоѓање на некакво решение. Тоа би значело амнестирање на структурите кои се одговорни за кризата во која сме денеска, а тоа значи суспендирање на слободно изразената волја на граѓаните, а тоа значи конечно и груба повреда на уставните начела и принципи врз кои функционира државата. Тоа значи со еден збор – подигнување на политичката волја на одредени структури над Уставот и правниот поредок, што апсолутно е неприфатливо за една правна и демократска држава, каква што претендира да е Република Македонија.

Поврзани новости