Животот не е само следење на политички настани, има и убави нешта за уживање, вели Агни

by Fokus

Џез пејачката Агни Авшар ја промовираше новата песна и видео запис за песната ,,Сознавам”, како што вели, во време кога се актуелни предизборните кампањи, со цел да им покаже на луѓето дека не се врти се околу политиката, туку има и убави нешта во животот.

Пејачката, која настапува под уметничкото име Агни, додека презимето Авшар е всушност презимето на нејзината мајка, е позната по своите настапи во клубови во земјава и важи за исклучителен вокал. За ,,Фокус,, појаснува дека се решила да започне професионална кариера со уметничко име, кое и го дала Бети Јанковиќ и за неа имало духовна вредност, а пак под видео спотот за песната како режисер се потпишува Дарио Јанковиќ.

-Бескрајно сум благодарна на честа да бидам вокален интерпретатор на оваа композиција и се надевам дека истата ќе ги инспирира слушателите и ќе иницира чувства на ентузијазам, оптимизам и верба во себе. „Сознавам“ е песна со автобиографски карактер која преку симболичен артистички израз илустрира животна приказна на млад човек кој попатно застранува, но со решителност и стремеж зачекорува во правец на духовно осознавање. Ова музичко дело, од идеја до реализација, е креативен плод на мојата духовна учителка Бети Јанковиќ-вели Агни, која живее во Македонија, а по потекло е од Словенија.  Во видеото се појавува и познатиот диџеј Таламаска.

-Направивме еден интересен проект, кој го промовираме во овој период, за да одмориме малку од политиката, која е застапена насекаде, на сите медиуми, на сите страни, каде и да се свртиме, билборди со ликови на политичари, митинзи, партиски реклами. Не е цел живот само следење политички настани, има и други нешта кои се создадени за уживање, како што е музиката – порача Агни, чија песна е објавена на музичкиот канал Јутјуб.

Вики Клинчарова

Поврзани новости