Живот на улица

by Fokus

Дојде живот во Македонија, живот за сите,  пред неколку години извика еден политичар кој потоа го понижи животот, поносот, историјата и потеклото, а граѓаните наместо подобар живот добија длабока сиромаштија, беспарица, зголемени трошоци за живот, повисоки цени, изгубени работни места, енормно богатење на поединци.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Надвиснале облаци над градот, во сивило го облекле денот, студот во воздух се чуствува, на снег се повеќе мириса. Водно одвај се гледа обвиткано во пелерина од измаглица, Скопска Црна Гора не се ни наѕира, а улица Македонија од влагата и дождот што за кратко запре сета мокра и сива мрзливо дреме речеси празна.

Утринското кафе на администрацијата од државните јасли одамна завршило, утринската чорба за доручек е одамна изедена и тивко е како пред бура. Уште триесетина минути па повторно ќе се слушне џагор на вработените на кои во 16 часот им завршува работното време и кои како река итаат дома или на after work party, како што младите го нарекуваат дремењето по кафиќите по работното време.

Таа тишина единствено ја нарушува џагор кој на  тивок шепот наликува таму некаде позади куќата на мајка Тереза. Седнати на бетонската коцка неколку луѓе, запуштени, облеката им е искината, некаде по некоја закрпа, повеќе голи него облечени. Мажите со брада и долга коса, наведнати глави, изгубен поглед некаде во далечина, огромна тага и очај од очите им извира.

Секој од нив до себе држи црна голема најлонска кеса која не ја испушта од раце, како богатство да чува. Сфаќам дека во тие кеси им е сиот нивен живот, сето она што го имаат, тоа е нивниот дом, нивната спална, дневна , трпезарија. Таа црна кеса е единствената нитка која ги држи и поврзува со овој свет, ништо друго немаат, никого друг немаат.

Тивки, мирни, скоро неподвижни, освен тремор кој од време на време ќе им ги згрчи рамениците, седат потонати во своите мисли и стравови. Наеднаш се појавува човек со неколку големи пакети и луѓето кои се неподвижни како да оживеаа. Секој од нив се упатува кон човекот со брзина која му ја дозволува измаченото тело.

СИТИОТ НА ГЛАДНИОТ НЕ МУ ВЕРУВА

Некаде таму од пролазот под зградите на улица Македонија се појавуваат уште неколку луѓе, слични на оние што веќе чекаат, и се упатуваат кон човекот со пакетите. Меѓу луѓето што пристигаат се наоѓа и еден човек на патерици и една мајка со дете во количка.

Сиот во закрпи и искината облека како и другите, оној со патериците преку рамото носи голема црна кеса што уште повеќе му го отежнува движењето и го успорува. Тропаат патериците по плочникот на улицата во обид да стигне што побрзо до човекот со пакетите, но во таа трка на глад и очај далеку заостанува зад другите.

Еден од присутните кој веќе земал пакет со оброк и седнал на бетонскиот ѕид опкружен со кеси и кучиња скитници , му довикува да побрза, ограничен е бројот, а мора лично да земе оброк му го повторува она што веќе и самиот го знае. Одвај движејќи се, задишан и немоќен, човекот со патерици му одговара – брзам, толку можам, а и вчера земав оброк, имав среќа, тивко шепоти како да се теши,  и гледајќи дека повеќе нема оброци се упатува до човекот што го храбреше да побрза.

Одвај стига до ѕидот на кој седи човекот и повеќе се струполува одошто седнува. Задишан, немоќен не прозборува ни збор загледан некаде далеку. Молчат и двајцата опкружени со кеси и кучиња скитници кои седат околу нив и ги гледаат право во очи со ист оној поглед на немоќ, очај и тага.

Човекот со оброкот, без збор, му дава дел од оброкот на оној со патериците и двајцата без да се погледнат почнуваат да џвакаат полека за да трае храната што подолго. И двајцата од време на време им фрлаат по некое залче на кучињата, знаат што е глад, знаат што значи да немаш.

Неколкуте случајни минувачи кои се сведоци на сево ова во широк лак ги заобиколуваат луѓево , одбегнуваат и да погледнат накај нив, а и ако погледнат тоа е поглед во кој се чита одбојност, одвратност, гадење. Ситиот на гладниот не му верува.

Само неколку чекори понатаму на семафорите на ул. Димитрие Чуповски врвулица од скапи коли, аздисани татини синови со подарени бесни коли кои возат како на трки и кои не ги почитуваат ни сообраќајните знаци ниту животот на другите.

Луѓето чиЈ живот е сместен во една црна кеса и кој зависи од милоста на друг ги голта ноќта  со сета неизвесност и страв дали и како ќе се дочека утрото кое доаѓа.

Дојде живот во Македонија, живот за сите,  пред неколку години извика еден политичар кој потоа го понижи животот, поносот, историјата и потеклото, а граѓаните наместо подобар живот добија длабока сиромаштија, беспарица, зголемени трошоци за живот, повисоки цени, изгубени работни места, енормно богатење на поединци.

Според државниот завод за статистика во Македонија во 2020 година , луѓето од пред куќата на мајка Тереза се само делче од 455.600 луѓе кои живеат во сиромаштија.

Поврзани новости