Живко Мукаетов одликуван во Витез на Данското Знаме од Кралицата Маргарете II

by Fokus

Со указ на Нејзиното Височество, данската Кралица Маргарете II, Живко Мукаетов, генерален конзул на Кралството Данска во Македонија, доби високо одликување: Витез на данското знаме.

Престижниот орден кој Мукаетов го доби е признание за неговиот исклучителен придонес во претставувањето на интересите на Кралството Данска во Македонија и промовирање на соработката помеѓу двете земји.

Пригодната церемонија на примопредавање на орденот се одржа во резиденцијата на Кралството Данска во Виена, а одликувањето го изврши Амбасадорката на Кралството Данска во Виена и нерезидентен амбасадор за Македонија, Нејзината Екселенција г-ѓа Лиселоте Плеснер која истакна:

“Особено задоволство ми е што во име на Нејзиното Височество, Кралицата Маргарете II можам да го доделам одликувањето ‘Витез на Данското знаме’ на Живко Мукаетов, во чест на признание за неговата ценета служба како Генерален конзул на Кралството Данска. Задоволството е уште поголемо бидејќи сум комплетно уверена дека ова признание навистина го заслужувате како истакнат бизнисмен кој раководи со голема индустрија како Алкалоид, како наш генерален конзул, како хуманист кој делува преку Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ и како човек кој прави максимални напори за спортот“.

Ова престижно одликување за прв пат е востановено од страна на Кралот Кристијан V во 1671 година. Орденот е изработен од кралскиот јувелир Антон Микелсен и претставува бел емајлиран крст oд данското знаме порабен со црвено. На врвот од крстот е изработен монограмот на Кралицата Маргарете II а на предната страна стои знакот на основоположникот на „Редот Витез на данското знаме“ со мотото на Редот: Бог и Кралот (Gud og Kongen).

„Би сакал да се заблагодарам на нашата надлежна Амбасада во Виена за честа која ми беше укажана со одликувањето. Овој орден е од огромна важност за мене и за моето семејство. Иако е признание за годините поминати во служба на интересите на Кралството Данска, овој орден за мене лично претставува поттик за уште повисоки достигнувања, продлабочување на соработката и промовирање на интересите на Кралството Данска и на Република Македонија на најдобар можен начин“, истакна Мукаетов по повод одликувањето.

Живко Мукаетов е именуван за генерален конзул на Кралството Данска во Македонија во септември 2007 година, кога беше најмладиот конзул во данската дипломатска мисија. Неговата политика на делување е насочена кон зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји, интензивирање на трговската размена и асистирање при конзуларните процедури на дански државјани во Република Македонија.

Поврзани новости