Жестока расправа меѓу Заев и Ѓорчев на собраниската седница за избор на нови министри

by fokus

Собраниската расправа за изборот на нови министри попладнево продолжи со обвинувања меѓу власта и опозицијата, овој пат на теми во делот на капиталните инвестиции, странските инвестиции, евроинтеграцијата, локалните самоуправи.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање рече дека нема да гласа за кој било од предложените кандидати за министри бидејќи премиерот Зоран Заев, како што рече, ништо не реализирал од Програмата „За живот во Македонија“. Според него, власта има најниски реализации на капиталните инвестиции, а годинава се 13 отсто, што е најниско, вели, во последните 50 години.

-За првите пет месеци од годинава имате реализација на капиталните известиции од 13 отсто што е најмалку во историјата на Македонија, рече Ѓорчев.

Се осврна и на ветувањето за почетокот на преговори со ЕУ при што го праша премиерот дали ќе даде оставка ако до декември не добиеме датум за преговори.

Заев реплицираше дека лажењето е одлика на неговата партија која, како што рече, ја уништи оваа држава, ја вратила во минатото, ја раскарувала и дома и надвор и оти нема право да зборува за ЕУ и за успесите на оваа Влада. Таа лекција е одржана, а беше пропратена со храбри чекори исклучително во полза на државата и иднината на оваа држава и беа признаени од целиот свет, а тоа е верификувано и од сите лидери на ЕУ, и од Могерини, и од Меркел.

-Се што требало државата завршила. Помал дел е завршен заедно со вас, прифатете го тоа, само што сега ова е Владата која ќе го чекира датумот за добивање и е заеднички и еве го декември пред нас, ќе ги отвориме поглавјата, ќе добиеме конечно членство во НАТО. Вие се залагате за демократските прозападни ориентации на нашата земја, барем израдувајте се на оваа работа, немојте тука поени да се обидувате да прокнижувате, оти немате никакво право заради тоа што ширите националистички политики кои дефинитивно прават провокации со соседите и не водат кон НАТО и кон ЕУ и не можете овде да ќарите поени и да билдате мускули овде, вие да го земете приматот за ЕУ. Не. Тоа вам не ви припаѓа. Шест месеци блокирање на почетокот, ќотек да напуштите да се смени власта и притоа да ја пречека цела руина, урнисана држава. Еве после две години Република Северна Македонија каде се наоѓа, рече Заев.

Поврзани новости