Жерновски со торта му посака добредојде на Богдановиќ

by fokus

Досегашниот и новиот градоначалник на општина Центар си разменија подароци на чинот примопредавање на градоначалничката функција. Андреј Жерновски му посака добредојде на Саша Богдановиќ со торта во раце на која е илустриран грбот на Општината. Богдановиќ, пак, му поклони дрес од клубот „Работнички“ на неговиот претходник.

– Му се заблагодарувам на мојот пријател, Андреј Жерновски. Ќе разменуваме искуства за да ги продолжиме сите отпочнати процеси во општина Центар. По долго време, имавме фер и демократски избори. Се сеќаваме како се одвиваа изборите во 2013-та, но и тогаш граѓаните успеаа да се изборат за вистинската опција. Вољата на граѓаните никој не може да ја оспори, изјави новиот градоначалник на Центар.

Тој најави дека меѓу првите работи со кои ќе се зафати во Општината ќе биде ревизија на проектот „Скопје 2014“.

Жерновски рече дека пред четири години, кога ја преземал функцијата никој не ги пречекал, но од утредента веќе редовно доаѓале инспекции.

– Машината е запалена, сега треба да се продолжи она што се работеше. Петнаесеттина проекти се веќе почнати и документацијата е завршена за нив. Центарци на овие избори го добија она што го заслужуваат, Саша е избран во првиот круг. Тука сум за соработка и совети, изјави Жерновски.

Освен градоначалникот уверенија добија и новоизбраните советници, 16 од коалицијата предводена од СДСМ и седум од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости