Жените и одговорија на Цеца: Ако не си ги објавуваме разголените гради, не значи дека мирисаме на запршка!

by Fokus

Сакам да мирисам на добар парфем, а не на запршка! Денес секој може да се омажи, важно е бракот да се одржува, а тоа сигурно не се прави со похувано месо и со мрсна супа – е изјавата на турбо фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ за српски Информер од пред неколку дена, која предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи, во кои Балканките се обидоа да и појаснат на пејачката дека ако на Инстаграм не објавуваат фотографии од своите разголени гради или задник, не значи дека мирисаат на запршка.

Илјадници жени, видно испровоцирани од советите на Ражнатовиќ, околу тоа како се одржува бракот, и дека тоа не се прави со приготвување на добра храна, туку жената треба да биде секогаш напарфимисана, веќе неколку денови наназад се обидуваат да и појаснат дека нејзината ,,мудрост” може да помине само кај исфрустрирани жени, кои го сметаат готвењето за нешто кое те прави помалку вредна во очите на ,,културното” друштво.

-Можам да приготвувам лесна и здрава храна, која не треба да се пржи, но можам да правам и сарма и запршки. Тоа е избор на секоја од нас. Можеме да имаме силикони, да мирисаме на парфем или на запршка, само не сме сигурни дали Цеца вака би зборувала, доколу останела во родната Житораѓа? – прашуваат многу жени, под линкот со текстот во кој се пренесува изјавата на Ражнатовиќ.

-Па, подобро на запршка, отколку на покрадено злато и крв – коментираат некои.

-Денес правев шницли, а потоа и палачинки. Со семејството уживавме во добрата храна. А има нешто кое се вика туш, па човек ќе се истушира и пак ќе мириса убаво. Значи, сит, мирисен и задоволен – раскажуваат читателки, испровоцирани од ставот на пејачката.

Таа со децении наназад е една од најскапо платените и најбараните во регионот, а нејзините настапи се едни од најпосетените. Токму поради огромната популарност, секоја нејзина изјава предизвикува големо внимание.

На темата околу жените и кујната, не е прв пат јавно да каже дека не сака да готви и има можности да си дозволи друг да го прави тоа наместо неа.

-Можеш да ставиш колку што сакаш силикони, можеш да ја одржуваш врската со младиот партнер како што сакаш, не не интересира како си го стекнала тоа што го поседуваш, но немој да ни мудруваш со совети за нашата кујна и спална – и порачаа жените во многубројни коментари.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости