Жената од Неготино која објави снимка од НЛО, всушност снимила рекламно летало на компанијата Goodyear!

by fokus

Кога веќе помисливме дека 2020 година нема со што повеќе да не изненади, пред еден ден во етерот се појави интересно видео, кое го снимила жена од Неготино, за време на својата посета во Њуџерси, САД.

На видеото се гледа неиндентификувано летало, кое се движи близу до земјата, со светла, а неготинчанката во позадина во неверување повторува – Не е можно, не е можно, воа не е можно човеци! Видео клипот со непознатото летало набргу се најде и во повеќе наши портали, со бомбастични наслови – Кавадарчани (најверојатно поради акцентот на снимателката) шокирани снимија летечка чинија на вонземјани во Америка! Инаку, снимателката чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус” пред повеќе години беше советничка во Совет на Општина Неготино.

Но, неготинчанката не е единствената која го снимила леталото. Речиси идентични снимки се појавија на Тик Ток и на Јутјуб каналот, а американските власти побрзаа со одговорот, со цел да ги смират граѓаните кои помислиле дека навистина вонземјаните им слетале во Америка.

Имено, како што пренесоа тамошните медиуми, станува збор за летачка реклама на познатата компанија Goodyear, позната под името Блинк. И од компанијата излегоа со официјално соопштение во кое појаснуваат дека леталата биле испратени во Њујорк и Њуџерси во понеделникот, со цел да го снимаат Метлајф стадионот во Њуџерси, каде треба да се игра меч помеѓу Pittsburgh Steelers и New York Giants. Инаку, Goodyear е позната по своите летала, со кои редовно снима спортски терени и истовремено си прави реклама.

Вики Клинчарова

Поврзани новости