Жељко Јоксимовиќ ќе го враќа Чадиев во младоста: ИМА ПАРИ ЗА МУЗИКА, НО И ЗА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

by fokus 12:33
12:33

Популарниот српски пејач Жељко Јоксимовиќ ќе биде главна ѕвезда на годинашната ,,Питијада 2016,, во Велес, која што ќе се одржи на седми, осми и девети октомври во центарот на Велес. Покрај Жељко, кој што ќе настапи на осми, во сабота, присутните ќе ги забавуваат и Наташа Малинкова, Тропико Бенд, Дани Димитровска, Мики Секуловски и Антонија Гиговска. Вечерта пред настапот на Јоксимовиќ, во петок, свој настап ќе имаат Елена Велевска, Јордан Митев, Каролина Гочева, Љубојна, Агушеви и група Виртус, додека пак во недела гостуваат популарните Ван Гог од Србија, Нокаут, ДНК и Ај Кју.

Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев е познат како голем љубител на музиката на Жељко, и кога пред две години тој имаше концерт во Кавадарци, на Тиквешки гроздобер, Славчо во друштво на кавадаречкиот градоначалник Александар Панов се забавуваше во првите редови и ги потпевнуваше хитовите на пејачот. Тогаш ни кажа дека ужива во концертот, а најомилена песна од Јоксимовиќ му е ,,Лане моје,, чии што стихови го враќале во младоста.

,, ,,Ако се занимаваме со политика, не значи дека не уживаме со добра музика, напротив, поголемиот дел од нас политичарите се доста музикални и имаме одличен вкус кога е музиката во прашање. Со мојот колега Александар во еден глас ја испеавме ,,Лане моје,, и на двајцата ни е хит песна, ми буди прекрасни емоции и ме враќа назад во времето. Едноставно, има песни кои што додека ги слушаш се чувствуваш повторно млад, ти доаѓаат емоции и не можеш да останеш рамнодушен,, – ни раскажа пред две години Чадиев во Кавадарци. Денес, во телефонски разговор ни потврди дека и оваа година ќе ужива во песните на Жељко заедно со кавадаречкиот градоначалник.

Општина Велес и градоначалникот Славчо Чадиев очекуваат голем број на посетители, кои што освен во настапите на музичарите, ќе можат да уживаат и во традиционалната велешка пита пастрмајлија, која што е специјалитет на градот и се прави од тесто, јајца и свинско или пилешко месо, по избор, а се пече во фурна. Во годините наназад, се случувало за време на манифестацијата да се продадат над дваесет илјади парчиња пита и да се испијат и по неколку тони вино.

Минатата година на Питијадата гостуваа ,,Парни ваљак,, а на манифестацијата исто така имаат настапено и ,,Прљаво казалиште,, ,,Црвена Јабука,, и други. Годинава манифестацијата се одржува по тринаесетти пат.

А од друга страна, додека Општина Велес се подготвува за манифестацијата за која што се одвоени големи парични средства, деновиве во центарот на јавноста се најде приказната за двеиполгодиното девојче од Велес кое што боледува од церебрална парализа, и живее во мрак, бидејќи електричната енергија на семејството му е исклучена поради неплатени сметки. Лана е трето дете во семејството Николови, кое што преку локалните портали изминативе денови моли за помош, за да може да купи храна, лекови, и да добие струја. На социјалните мрежи веќе се појавија обвинувања дека општината троши пари за музика, наместо да првин да ги згрижи децата со посебни потреби, на што градоначалникот реагираше.

,,Сакам на целата јавност да и кажам дека и покрај тоа што Велес деновиве се подготвува за питијадата, сепак никогаш во ниту еден момент не ги заборава децата со посебни потреби. Во конкретниов случај, со малата Лана, јас контактирав со таткото на девојчето и му дадовме два кубика огревно дрво, наскоро ќе добијат уште два. Тој од мене побара помош за да си ги плати сметките за струја, веднаш му потврдивме дека општината ќе му исплати еднократна помош од 12.000 денари, и покрај тоа што неплатените сметки им изнесуваат околу 5.000 денари. Исто така, му кажав дека слободно може да смета на мене за било каква помош додека девојчето е на болничко лекување во Охрид. Отсекогаш сум бил голем хуманист, посебно кога се ранливите категории на граѓани во прашање. И мојот татко беше лице со посебни потреби, знам што значи тоа. Во Велес имаме акционен план за лицата со посебни потреби, децата одат два пати годишно на бесплатен одмор, во училиште во Велес ставивме и лифт, дониравме две инвалидски колички досега, бидејќи толку беа побарани од нас. Се отвори и дневен центар за слепи лица и не запираме овде, секогаш сме отворени за соработка со сите на кои што им е потребна помош. Околу тоа дека општината потрошила многу пари за естрадните гости, ќе кажам само дека Жељко и Ван Гог се платени од страна на спонзори, додека сумата која што Општина Велес ја издвои за ,,Питијада 2016,, изнесува 3,6 милиони денари,, – изјави за ,,Фокус,, Чадиев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости