Железара користела 30% од водата во Рашче, а плаќала помалку од граѓаните и од останатите фирми

by fokus

На предлог на градоначалникот Шилегов, Советот на Град Скопје на 7-мата седница одржана на 01.03.2018 година, ја усвои новата  зголемена цената  за обезбедено доведување вода за „РЖ Услуги АД Скопје“ (комплексот Железара). За предлогот на градоначалникот Шилегов за поскапување на водата за комплексот Железара, гласаа 38 советници, односно сите присутни на  седницата.

РЖ Услуги АД Скопје воопшто не плаќаше за оваа услуга во периодот од 1997 година до почетокот на 2016 година, кога почнаа да плаќаат симболична цена од 2,54 денари, а од 2017 година 3,55 денари за кубен метар вода. Сумата што ја плаќале од 2016 година досега е за 10 пати пониска од цената што ја плаќаат жителите на Скопје, а околу 16 пати пониска од цената што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје.

Поскапувањето ќе биде скалесто, при што до 2021 година треба да се изедначи со цената на водата што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје. Цената на водата за комплексот Железара за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари/m3, во 2019 година 22,75 денари/m3, 2020 година 34,20 денари/m3, за во 2021 година истата да биде 46,63 денари/m3. Компаниите од комплексот Железара на годишно ниво трошат екстремно големо количество вода. За минатата 2017 година имаат потрошено 4.857.073 m3 вода или околу 30 % од вкупното количество од изворот Рашче.

На ова му претходеше серија на настани кои влечат корени од моментот на изградбата на каптажата Рашче I се до моментот кога е донесена одуката преку скалесто поскапување цената на водата за комплексот Железарница со кое истата се изедначува со цената за другите правни субјекти во Скопје.

Во 1963 година е изградена Сегашната Каптажа Рашче I со просечна издашност од 3 м3/сек., а подоцна и цевковод од Ø1600 мм кој транспортираше вода за Железарницата. Инвеститор на Каптажата и цевководот беше Железарницата. Од овој цевковод „Водовод“  веднаш почнува да користи вода за потребите на Градот Скопје преку цевка Ø600 мм. во населба Бутел, каде што се гради и хлоринаторска  станица.

Од истата Каптажа во 1966 година со посебен цевковод Ø1600 мм Градот Скопје почнува да користи вода за свои потреби.

Односите помеѓу „Водовод“ и „Железарница“ во поглед на инвестирање  и користење на водата од Каптажата Рашче, регулирани се со Договор бр.06-6734 од 31.07.1971 година, согласно кој користењето на капацитетите, нивното одржување и понатамошно инвестирање треба да биде во соодност 50/50.

Со Анекс Договор бр.08-7634 од 19.10.1979 год.  договорено е инвестирање на Каптажата Рашче II со заеднички средства од тогашен ЈКП „Комуналец” – ООЗТ „Водовод и канализација” и Рудници и железарница по истиот сооднос 50/50 со тоа што останатите членови од Договорот од 1971 год.  и понатаму важат.

Подоцна поради финансиските тешкотии, Железарницата се откажа од инвестирање во Каптажата Рашче II, со тоа што довршувањето на Каптажата го превзема ЈКП Комуналец – ООЗТ Водовод и канализација.

Со Договорот бр. 05-1625 од 14.03.1997 година за начинот на регулирање  на обврските склучен помеѓу ЈП „Водовод и канализација” – Скопје и ПОС Рудници и железарница – Скопје (ПОС РЖС), договорено е преотстапување на Каптажата Рашче и цевководот Ø1600 мм кој ја снабдуваше Железарницата, на доверителот Водовод – Скопје како компензација за средствата кои ги побаруваше Водовод од Железарница. Во овој Договор задржана е клаузула во која се потврдува дека и понатака е на сила Договорот од 1971 година.

Со преостапување на Каптажата Рашче и цевководот Ø1600 мм до последниот затворач во ПОС РЖС, ЈП „Водовод и канализација” – Скопје станува фактички и правно сопственик  и корисник како на двата магистрални цевководи Ø1600 мм. така и на целокупната разводна мрежа во градот, освен водоводната мрежа во кругот на ПОС РЖС.

По одржани неколку состаноци на претставниците од ЈП Водовод и канализација Скопје со претставници од Градот Скопје и претставници од РЖ Услуги АД Скопје, се изнајде преодно решение ЈП Водовод и канализација Скопје да му ги фактурира трошоците кои ги има за одржување и работење на системот.

За таа цел, Управниот одбор на 33-та седница одржана на ден 03.12.2015 година донесе Одлука Бр.0202-13821/3 од 03.12.2015 година за утврдување на надоместок  на трошоци за обезбедено доведување на вода за РЖ Услуги АД Скопје. Одлуката е донесена согласно изготвената пресметка од страна на службите во претпријатието за висината на трошоците кои процентуално се утврдени согласно заедничкото користење на системот до точката на водоснабдување и се однесуваат на обезбедено доведување на водата до комплексот Железара. Висината на надоместокот согласно одлуката изнесуваше 2,54 денари/m3, без пресметан ДДВ.

Врз основа на оваа одлука, ЈП Водовод и канализација Скопје склучи Договор за водоснабдување со РЖ Услуги АД Скопје, заведен под Бр.0307-15214/1 од 14.12.2015 година.

Врз основа на податоците од годишниот извештај на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2016 година, Управниот одбор на 65-та седница одржана на ден 05.09.2017 година донесе Одлука Бр.0202-13744/4 од 05.09.2017 година со која изврши промена на надоместокот на трошоците за обезбедено доведување на вода за РЖ Услуги АД Скопје од 2,54 денари/m3 на 3,55 денари/m3.

Врз основа на податоците од годишниот извештај на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2017 година, Управниот одбор на седницата одржана на ден 28.02.2018 година донесе Одлука Бр. 0202-2525/3 од 28.02.2018 година со која изврши промена на надоместокот на трошоците за обезбедено доведување на вода за РЖ Услуги АД Скопје од 3,55 денари/м3 на 11,65 денари/m3за 2018 година. Поскапувањето согласно одлуката ќе биде скалесто, при што до 2021 година треба да се изедначи со цената на водата што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје. Цената на водата што ќе ја плаќа „РЖ Услуги АД Скопје“ за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари/m3 вода, во 2019 година 22,75 денари/m3, 2020 година 34,20 денари/m3, за во 2021 година истата да биде 46,63 денари/m3.

На 01.03.2018 година, на предлог на градоначалникот Петре Шилегов, на 7-мата седница на Советот на Град Скопје беше извршено дополнување на  дневниот ред при што беше додадена нова точка за усвојување на предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на цена како надоместок на трошоци за обезбедено доведување на вода со која е предвидено скалестото поскапување на цената на водата за РЖ Услуги АД Скопје. За предлог Одлуката за поскапување на водата за РЖ Услуги АД Скопје, гласаа 38 советници, односно сите присутни на седницата.

Поврзани новости