Желбата која Зафир си ја кажа два месеци пред смртта, денес ќе му биде исполнета!

by Fokus

Легендарниот пејач, композитор и поет Зафир Хаџиманов, кој беше македонски амбасадор на културата во Србија, а почина на 27-ми март годинава на 77 годишна возраст, денес постхумно ќе биде одликуван со Орден за заслуги за државата.

Одликувањето ќе го изврши претседателот Стево Пендаровски, а орденот на Хаџиманов доаѓа за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво.
Само два месеци пред да почине, музичарот кој со децении живееше и твореше во Србија, во своето последно интервју за ,,Фокус” раскажа дека е многу разочаран, бидејќи иако зад себе, на свои 77 години оставил богата културна ризница, надлежните во Македонија не се сетиле да му доделат државна награда за неговиот труд во областа на уметноста.

-Сега сум веќе во години кога сакал, не сакал, сепак посакуваш надлежните да се сетат и да го одбележат мојот труд достоинствено и праведно. Минатата година Владата ме прогласи за почесен амбасадор на македонската култура и уметност, што јас навистина и без тоа сум веќе 60 години. Но, национална, државна награда е сепак нешто возвишено и неопходно за секој врвен уметник – ни изјави Зафир кон крајот на месец јануари годинава.

Појасни дека тогаш непознато лице му пратило порака, наводно од име на Владата, со која се известувал дека државата му доделува награда за животно дело, како на истакнат пејач, актер, поет и композитор, бидејќи дал голем допринос во областа на популарната уметност и култура во земјата и светот. Уште кога ја прочитал пораката, тоj  имал сомнеж дека е веродостојна, а подоцна неговиот сомнеж се испоставил како вистинит.

-Свртев два – три телефони на мои пријатели во Скопје, тие се распрашаа и ми одговорија дека никој од Министерството за култура ништо не знае за таа награда. Морам да признаам дека ми падна тешко, некој така лошо да измислува мајтапи! Тешко ми падна сето ова, не ми се ни зборува повеќе. Жалам што не добив никаква национална награда за мојот труд – ни раскажа тогаш уметникот.

Тој беше погребан на седми април на Новите гробишта во Белград, односно неговата урна беше положена во Алејата на заслужни граѓани. Ја изгуби битката со корона вирусот на своја 77 годишна возраст, а неколку години наназад беше со нарушено здравје, и во повеќе наврати изјавуваше дека има хронични проблеми со срцето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости