Жбогар и Суомалајнен побараа казни за напаѓачите врз новинарите

by fokus

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар и шефот на ОБСЕ остро ги осудија настаните во Собранието врз медиумските работници и побараа сторителите на инцидентот да бидат санкционирани.

Тие дадоа изјави по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите.

„Сметаме дека тоа беше оркестрирано и оние кои извршија насилство треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Слободата на изразувањето е основно човеково право кое е неделливо од демократијата и законските правила. Слободните медиуми, каде што новинарите известуваат професионално и разменуваат мислења е услов за демократија. Земјата има потреба од реформи во областа на медиумите и слободата на изразувањето. Мнозинството треба да го поддржи професионалното новинарство за заштита на безбедноста на новинарите, да ги отвори прашањата со цензурата и говорот на омраза“, рече Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Генералното Собрание на Обединетите Нации го има прогласено трети мај за Светски ден за слобода на медиумите за да ги потсетува владите за должноста што ја имаат во однос на почитувањето на правото за слобода на изразувањето.

„Живееме во свет каде нападите врз медиумите и новинарите за жал станаа вообичаени. Физичкото и вербалното насилство против нив е дел од нашата реалност, иако тоа не треба да биде така. Во инцидентот на 27 април во Собранието беа нападнати и новинари. Ние како ОБСЕ сме загрижени и бараме безбедност за новинарите. Исто така инсистираме насилниците врз новинарите во Собранието да бидат изведени пред лицето на правдата и да бидат казнети“, изјави Нина Суомалајнен – шеф на делегацијата на ОБСЕ во Скопје.

Според директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, Зоран Трајчевски секое насилство извршено врз новинари е директен напад врз слободата на говорот.

 

Поврзани новости