Зголемување на инфлацијата, предвидува Народна банка

by Fokus

Помал економски раст и зголемување на инфлацијата предвидува Народната банка, која направи надолна ревизија на априлските проекции.

Есенските проекции на централната банка покажуваат дека годинава би ја завршиле со инфлација од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Не се предвидува квартален пад на економијата.

Според основното сценарио, стапката на раст за годинава би била 2,3 проценти, а за следната година 2,6 проценти, додека според второто сценарио, растот оваа година би изнесувал околу два процента и би забавил на 1,8 проценти следната година. На среден рок, се предвидува опоравување на растот на БДП на 3,6 проценти во 2024 година и на 4 проценти во 2025 година. Ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија.

– Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија. Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење на прудентни домашни политики, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната прес-конференција.

За разликата во инфлацијата што ја има во Европската унија и кај нас, гувернерката вели постојат неколку фактори.

– Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со Европската унија. Кај нас трговската отвореност е 140 проценти од БДП, а во ЕУ 70 проценти. Вториот важен фактор е голема увозна зависност во енергетскиот сектор, а нашата економија во споредба со европската е поенергетски интензивна. Третиот значаен фактор е потрошувачката кошничка, односно кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50 проценти, а во ЕУ околу 30 проценти. Оттука јасно е дека ист глобален шок ги погодува сите економии, но интензитетот со кој ги погодува, зависи од голем број домашни фактори, посочи Ангеловска-Бежоска

Поврзани новости